Звучните сегашни и поранешни репрезентативни имиња Филип Талески, Дејан Манасков, Столе Стоилов и Борко Ристовски нема да го носат дресот на Вардар во новата сезона.
Талески замина во Бенфика, а името на новиот клуб на Манасков засега не е познат. Во клубот остануваат Борко и Столе кои добија нови функции, што значи дека и ставаат крај на играчката кариера.
Долгогодишниот голман на македонскиот национален тим е назначен за нов извршен директор на клубот, а капитенот на Вардар ќе му биде помошник на Владо Недановски, како и координатор на младинските школи.
Михајло Михајловски се повлекува и им останува на располагање како советник, а функција добива и директорот на Неуромедикa, Емил Угриновски кој ќе биде претседател на неизвршните директори.
Вардарци сè уште немаат проценка со колкав буџет ќе располагаат во новата сезона, бидејќи се во преговори со нови спонзори, а целта им е да имаат мали спонзори во поголем број, да не зависат од еден, како и да го стабилизираат клубот и финансиски и играчи.
„Во овој момент не можеме да кажеме колкав ќе биде буџетот, затоа што преговараме со потенцијални спонзори и институции. Сигурен сум дека помалку или повеќе разговоите ќе бидат позитивни, но додека не се потврдат и потпишат некои договори не е коректно да зборуваме. Важно е тоа дека имаме некоја здрава основа, но сакаме да направиме нешто каде што нема да зависи сè од еден спонзор, како што досега целиот товар беше на Михајло, туку да направиме една дисперзија на финансиите. Да не настане некоја дупка, кога еден би се откажал“, изјави на денешната прес конференција Ристовски.
Како новитет во клубот го најавија возобновување на младинската академија која рекоа дека долго време била запоставена, а целта ќе им биде да произведуваат првотимци.
Формирани се пионерска, кадетска и младинска екипа, а во план им е и отворање на школи во Скопје и цела Македонија.
„Не можеме повеќе да се тркаме со топ 8-10 европски клубови кои имаат годишни буџети од 12 до 17 милиони евра. Такви средста во Макединија ни случајно не може да се обезбедат. Што се наметнува како императив? Преку младинските школи за година, две, три да си направиме свој стил на игра и свој македонски идентитет и на тој начин да направиме успеси. Затоа оваа година ќе биде како пресвртница“, рече Михајловски.
Нови имиња во клубот со Србите Стефан Петриќ и Марко Сердановиќ, Словенецот Матија Николиќ, Јапонецот Косуке Јасухира од Висла Плог и двајцата репрезентавци на младинската селекција на Португалија, Нилтон Мело и Хансен Родригез.
На 26 или 27 август, Вардар го пречекува фаворитот Рајн Некар во квалификациите за Лига Европа, а една недела подоцна се игра реваншот.