Огромен успех и злато за Македонија, кадетките го освоија ЕХФ шампионатот

Македонската женска ракометна селекција до 17 години направи неверојатен подвиг, откако на ЕХФ Шампионатот кој се одржа во Литванија, урна големи репрезентации и ја освои титулата.

Во финалето на кадетскиот Ехф шампионат кој се играше во градот Клаипеда во Литванија, младите македонски ракометарки по голема борба го совладаа Исланд 27-26 и заслужено се качија на тронот на овој турнир. Притоа нашите кадетки успеаа и да обезбедат пласман на Европското првенство кое следи.

Финалето почна израмнето и се играше гол за гол. И младите Исланѓанки и нашите ракометарки речиси во текот на целиот меч беа резултатски блиску. На полувреме се замина со 12-12, а Исланд на стартот на вториот дел прв тргна посилно и брзо дојде до +2 гола позитива (15-13).

Но нашите талентирани ракометарки експрено се вратија и со двата гола на неверојатната Дукоска повторно израмнија и не им дозволија на ривалките да се одлепат.

Голема поддршка Македонките имаа од голманката Марија Јовановска која фати неколку зицери на противникот и беше заслужна за резултатската неизвесност.

Во финишот по две технички грешки на Исланѓанките, Македонија првпат поведе со два гола разлика (21-19), а набрзо и до највисоко водство од 26-23 со кое на крајот се влезе во мирна завршница и до заслужен триумф за најголем успех на женскиот кадетски ракомет.

Неверојатна во финалето беше Теодора Дукоска со 11 гола од 14 обиди. Ризоска постигна 7 погодоци од кои четири во последните 10 минути, Коцева пет, а Младеновска три гола. Кај Исланѓанките Агустсдотир, Торкелсдотир и Елиасдотир постигнаа по четири гола. 

МВП НА ЦЕЛИОТ ТУРНИР Е 14-ГОДИШНАТА МЛАДЕНОВСКА

Голема заслуга за еден од најголемите успеси во нашиот женски репрезентативен ракомет има и 14-годишната Ива Младеновска од ЖРК Металург. Таа на целиот турнир одигра сјајно.

Младеновска е родена во 2007-ма година. Игра на позицијата десен бек а може да се снајде и како десно крило, позиции кои се дефицитарни во нашиот и машки и женски младински и сениорски ракомет.

Признанија покрај Ива Младеонвска која стана МВП на целиот турнир а е неколку години помлада од соиграчките и ривалките, добија уште и голманката Марија Јовановска и Теодорка Дукоска кои беа избрани во идеалниот тим на ЕХФ Шампионатот за ракометарки до 17 години.