Нова драма, нова победа на Македонија за втора рунда во Вараждин

Македонската ракометна репрезентација ни приреди уште едно драматично издание кое за среќа заврши во наша полза. Црна Гора не е трета селекција во свет, но го направи пеколно тежок и неизвесен мечот цели 60 минути.

На првенство каде за пласман се изборија 16 земји од стариот континент е неблагодарно да му се даде некому епитот аутсајдер. Тоа најдобро го покажаа ракометарите на Црна Гора кои душа и извадија на нашата репрезентација која важеше за фаворит.
 
Избраниците на Раул Гонзалес отворија добро и поведоа со 4:2, но Црна Гора за 8 минути игра ни го наполни голот и направи серија од 6:1 за предност од 8:5. Македонија имаше многу дупки во одбрана, а истовремено беше безидејна во напад.
 
Бледата игра на нашите репрезентативци за среќа не траеше многу долго и со серија со 6:2 му вратија на противникот за водство од +1. Мечот влезе во тотално неизвесни 10 минути до крајот на првиот дел во кои се играше гол за гол, а на полувреме Црна Гора обезбеди водство од 16:15.

Македонија играше тешко до 40-та минута, продолжи да прави технички грешки, а згора на се Кире Лазаров промаши два пенали. Црна Гора во тој период имаше тесна предност која се движеше од еден до два гола.

И кога на постарите не им одеше шутот, на сцена стапи Филип Кузмановски кој се покажа како вистински џокер на Гонзалес. Тој реши неколку напади по ред, а помош доби од уште еден играч од клупата, а тоа е Филип Лазаров кој повторно како против Словенците реализираше многу важни погодоци.
 
Македонија влезе во страшен налет и во три наврати пати стигна до највисоки +4 на мечот, но Црногорците не се предаваа и се изборија за драматична завршница. Во 55 минута на семафорот стоеше 27:26 за нашите ракометари.

Финишот исто како против Словенија беше неизвесен, но во еден од последните напади Филип Лазаров постигна гол за +2, предност со која Македонија влезе во последната минута, а Борко Ристоски ја имаше клучната одбрана на мечот.
 
Црногорците во последните секунди успеаа да направат цепелин за конечни 29:28.
 
За играч на мечот беше прогласен Филип Кузмановски кој постигна 6 погодоци, а Кире Лазаров, Манасков и Миркуловски постигнаа по 4.
 
Македонија е прва во група и со нерешен резултат против Германија во среда, завршуваме како лидери.

15 јануари 2018 - 22:16