Во однос на дуелот против светската велесила и домаќин Данска во 1. коло кога македонските ракометари немаа ни промил шанса резултатски да парираат, вечерва со одлично подготвен натпревар од селекторот Кире Лазаров, одиграа супер добар техничко-тактички дуел против мошне сериозна селекција.
Пред 11.438 гледачи во „Јиске Банк Боксен“ салата од кои повеќето беа македонски навивачи, стартот беше резултатски израмнет, и двете селекции не ги реализираа првите два напади, но набрзо Португалија поведе 2-1. Оттогаш во следните десетина минута се играше права резултатска нишалка. Гол за гол со македонска песна од трибините.

Селекторот Лазаров со својот стручен штаб маестрално го скенирале ривалот па на секој нивен удар, Македонија имаше контра-удар. Гол за гол се играше речиси цел прв дел.
Првиот пех црвено-жолтите го имаа во 14' минута кога по самото влегување Никола Маркоски доби директен црвен картон, мораше да го напушти теренот до крајот а Македонија доби две минути со играч помалку. Набрзо се повреди и Ѓонов, уште една важна карика во одбраната.
Притоа португалскиот селектор се реши на одличната македонска одбрана 5-1 да контрира со 7-6 без голман. Во тој период од дуелот прав витешки дуел имаа Да Коста и Филип Кузмановски кои решетаа од сите позиции и ги разигруваа своите соиграчи.

На полувреме Португалија водеше 15-13 но Македонија покажа дека игра и тоа како добар ракомет! Храбар, одважен и мудар. Капитенот Кузмановски иаше 6/8 во прв дел, а Никола Митревски 3 одбрани.
Португалија одлично го започна вториот дел и избега на +3 па набрзо и на +4. Пивотменот Итуразе кој игра во првенството на Кувајт беше незадржлив во тој дел.
Македонија неуспешно го стартуваше вториот дел и промаши дури три напади по ред, а Португалците немилосрдно казнуваа на другата страна.
Франсис Да Кошта беше несопирлив на почеток на вториот дел и ја решеташе македонската мрежа. Највисока предност Португалците имаа во 34' минута кога отидоа веќе на +5 (18-13).
Селекторот Лазаров не се решаваше за тајм-аут и покрај безидејноста на неговите избраници во нападот.
Буквално секој напад на црвено-жолтите завршуваше со подарена топка за ривалот, а тоа значи изгубена или фрлена непрецизно во аут. Првиот гол на Македонија во вториот дел падна во 34' минута кога капитенот Филип Кузмановски го постигна седмиот гол од девет обиди за -4.
Во првата фаза од вториот дел единствена светла точка беше токму капитенот и лидер на репрезентацијата и Еурофарм Пелистер, Кузмановски. Битолчанецот имаше 4/4 од пенал и не даваше Португалците недостижно да се одлепат.
Македонските ракометари се држеа во игра и преку Мартин Велковски кој искористи што Португалија изгуби топка при напад 7-6 и без голман па се врати на -3 во 39' минута, а со минијатурата на Кузмановски Македонија ја задржи таа негатива на половина од вториот дел.
Откако Лазаров свика тајм-аут и прописно им одржа лекција на македонските ракометари, тие брзо се вратија на -2 (20-22). Ова како да беше најава за грандиозен финиш на мечот. Македонските ракометари со големо срце и храбро јуришаа на противничкиот гол и дури во три наврати се враќаа резултатски: 26-26, 27-27 и 28-28.
Мартин Томовски блескаше на голот и со три одбрани по ред им овозможи на Филип Кузмановски и Павле Атанасијевиќ на другата страна да постигнат погодоци за 29-29.
Португалија го имаше последниот напад во последните 50 секунди, но се одбранивме а Мартин Серафимов несреќно ја испушти топката од раце која наместо во контра замина во аут за Португалија.
Се одбранија црвено-жолтите уште еднаш и на крајот освоија злато вреден бод! Играч на натпреварот заслужено Филип Кузмановски кој постигна дури 15 гола и влезе на вечната листа најдобри топ стрелци на еден натпревар од Европско првенство!
Мартин Велковски и Павле Атанасијевиќ постигнаа по четири гола. Мартин Томовски забележа 8 одбрани а Никола Митревски само три. Кај Португалците Франсиско Коста постигна 11 гола.
Во последното коло Македонија ќе игра против Романија во вторник од 18:00 часот а Португалија против домаќинот Данска. На Македонија ќе и треба победа и да очекува Данците поубедливо да ги совладаат Португалците.