Вардар е пријавен во Лигата на шампионите, но следната сезона нема да биде дел од групната фаза во најелитното клупско европско натпреварување.
Ова го тврдат колегите од 24 ракомет, кои викендов беа во Келн и на лице место известуваа од Фајнлфорот на кој Барселона ја одбрани титулата.
Според нивните информации, Извршниот комитет на ЕХФ во петокот донел одлука Вардар следната сезоната да не добие дозвола за настап во еврокуповите.
Како причини ги наведуваат долговите на клубот кон играчите од 2017-та.
На истата тема денеска пишува уште еден специјализиран портал за ракомет, а тоа е Балкан Хендбол кој информира дека настапот на Вардар во ЛШ во сезоната 2022/2023 е неизвесен поради несредената финансиска ситуација.
За вајлд карта веќе аплицирале две екипи од регионот, а тоа се Загреб и Целје.
Вардарци на слични маки беа и минатата сезона, но тогаш успеаа да се извлечат откако со 700.000 евра покрија дел од барањата, а поради притисокот за исплаќање на долговите, прикажаа и 300.000 евра како гаранција.
За истата одлука веќе бил информиран и Вардар, и Ракометната федерација на Македонија, а во текот на неделава и официјално ќе биде потврдена со сите детали.