Иако секој навивач на Вардар би посакал да остане во Скопје доживотно, сепак никој нема право да му замери што си заминува. Во Вардар се случуваа и се случуваат многу брзи заминувања, а многу ретки се тие кои демонстрираат верност на подолги стази.
Еден од тие е Карачиќ кој заедно со Стоилов ги бранат боите на Вардар од времето на салата Кале, Веселин Вујовиќ и Михајло Михајловски.
Дојде од РК Босна Сараево во 2012-та и стана симбол на Вардар со кој освои 6 титули во првенство, 5 во Куп, 4 во СЕХА лига и 2 во Лига на шампиони.
Зарем има ли некој ракометар што не би посакал една ваква трофејна кариера? Но кај него не се за величање само успесите, туку и борбеноста и верноста кои му ги даде на овој Вардар. Се испоти на еден куп натпревари, постигна клучни голови и едноставно изгина за тимот.
Голот за пресврт против Барселона кога легна на земја со грч на лицето, веројатно нема да излезе од меморијата на ниту еден Комита. Дрско од место, па макар завршил со гипс на нога.
Колку само спомени ќе има и тој со Вардар и навивачите со него покажува оваа фотогалерија, од почетоците во Кале, па се до трофејот во Келн кој го донесе под триумфална.
Преклани прв го крена Столе, но овој пат направи голем капитенски потег и таа чест му ја даде на Игор, поради освоеното МВП признание, но пред се поради сè што направи за овој дрес.
Шампионот го напушти Скопје во голем стил, со шампионската химна. Продолжува во Кјелце. Нека му е со среќа.