Кој е дискретниот херој на македонскиот ракомет? Кој е најдобриот играч за контрола на топката во светот? Кој беше срцето и душата на ракометното движење наречено „Металург“ во средината на минатата деценија? Кој не сака играчи кои молчат и тепаат, молчат и примаат удари, молчат и паѓаат, молчат и стануваат?
И да ги постави овие прашања некој наш ракометен експерт, новинар, соиграч, пријател или роднина на Миркуловски, нема никој право да каже дека се пристасни.
Тоа се реалните погледи за популарниот Жути, кои по последниот меч за Македонија пред два месеци, можеа да се прочитаат во колумната на српскиот колега Жика Богдановиќ.
„Миркуловски става глава, онаму каде што некој не би ставил нога“, ќе остане запаметена како најадекватна фраза за неговиот опис, изговорена од Лино Червар, со кој играше во животна форма во дресот на Металург и стигна до елитната осумка во ЛШ.
Филип Миркуловски едноставно изгина за националниот дрес на Македонија и никогаш не знаеше како се игра со штедење.
Се изнајаде ќотек на еден куп квалификациски натпревари, како и на сите европски и светски првенства кои со Македонија ги играше во континуитет. Не може да се добројат пеналите кои беа направени врз него.
Зборуваме за една од главните алки во играта со која на Мундијалот во Хрватска 2009, репрезентацијата создаде ракометна треска која трае и ден денес.
Филип Миркуловски е срцето и душата на националниот тим без кој тешко остварливо ќе беше и историското петто место на ЕП 2012.
Бескомпромисен борец на кој треба да му се заблагодариме не еднаш, туку три пати, затоа што да потсетиме дека тој во три наврати го облекуваше македонски дрес.
Првото повлекување од репрезентација му беше на 15 јуни 2016-та, кога се жалеше на многу повреди, што беше целосно разбирливо со оглед на неговата пожртвувана и храбра игра.
Само неколку месеци подоцна, на крајот на годинава доби повик токму од Червар, кој тогаш беше селектор. Се врати на 33 години за Светското во Франција 2017, а потоа продолжи со клупски ракомет во Бундеслигата.
Вториот кам бек го направи кога доби повик од Кире. И тоа на 37 години, возраст на која ретко кој би се вратил и би одиграл на таков начин, со полно срце и душа.
Кире е мангуп и многу добро знае зошто му се јави. Повика ултра борбено момче на кое кога ќе му ги видите пробивите, желбата, мотивираноста и насмевката, не можеме да го наречете ветеран.
Со тој потег, само уште една покажа дека секогаш е тука за Македонија, без разлика на напорот на таа возраст и модринките по цело тело.
На 17 април годинава, го одигра последниот меч кој повторно му се падна против Чешка, со таа разлика што овој пат тоа беше збогум на паркетот.
И на 38 години Жути се пробиваше низ чешката одбрана како шило, а на крајот се радуваше на уште еден нов пласман на Македонија на големите натпреварувања, овој пат на СП 2023, каде ќе се појави како асистент тренер.
Да подвлечеме уште еднаш. Филип Миркуловски е единица мерка за македонскиот ракомет во иднина и кога некои нови деца ќе ве потсетуваат на него, да знаете дека се на вистинскиот пат.
Ти благодариме легендо, за секоја капка пот за Македонија.
Филип Нацоски
Овации и песна од Тоше во чест на славниот Миркуловски за крај на една прекрасна кариера