Во 1989-та Ренџерс првпат потпишал играч католик и се кренало востание

Едно од најжестоките ривалства во светот на спортот е она меѓу фудбалските клубови Ренџерс и Селтик од Глазгов. Повеќе од 100 години нивните меѓусебни средби носат неверојатен набој и тензија каква ретко каде во светот има. Зошто е така и од каде потекнува омразата?

На 10 јули 1989 година сите британски медиуми имале ударни наслови: „Ренџерс го потпиша првиот професионален играч-католик“.

Повеќе од 100-годишнината традиција на протестантскиот клуб (за Ренџерс отсекогаш навиваат воглавно протестанти, а за Селтик католици) се сменила по договор меѓу тренерот Грем Сунес и фудбалерот Мо Џонстон.

Непишаното правило да не се купуваат фудбалери со католичко потекло било смислено уште во ХХ век, кога Шкотска ја населиле голем број ирски емигранти католици. Бранот католици не им се допаднал на локалните протестанти па имало бројни насилни нереди.

Во 1930-та година се основала протестантската група „Бриџтаун Били Бојс“ чие основно начело било да има членови само „по фенинанско колено). Постојат две верзии за нивниот назив. Едната вели дека е од името на реонот каде живееле тие млади луѓе со името на нивниот водач Били Фулертон.

Другата теорија е дека Вилхелм Орански (за своите едноставно кралот Били) го воспоставил протестантството во Англија и Шкотска и покорил многу локални престапници.

Прво во оваа дружина прибирале улични борци па долго време оваа група била повеќе хулиганска отколку навивачка. Веќе во 1940-те години повеќе од пола група била во затвор (имало околу 800 членови на Били Бојс).

Првото фудбалско убиство во историјата на Шкотска се случило во 1927 година. Навивачи на Селтик и Ренџерс имале масовна тепачка, се степале повеќе од 2.000 луѓе а еден навивач на Селтик бил убиен со убод од нож во срце. Од тој момент ниеден навивач не одел на фудбал без оружје.

Уште една трагедија се случила во 1931-ва година за време на едно од најжестоките „Old Firm“ дерби. Голманот на Селтик Џон Томсон влегол во дуел со играчот на Ренџерс Сем Инглиш во шеснаесетник. Ударот бил толку силен што Томпсон имал дупната глава. 22-годишниот голман го хоспитализирале но набрзо умрел. Навивачите на Селтик направиле големи нереди во кои загинал еден навивач на Ренџерс.

ПОТПИСОТ НА МО ЏОНСТОН ЗА КОЈ ПИШУВАЛ ЦЕЛ СВЕТ

Доаѓањето на католикот Мо Џонстон во клубот Ренџерс требал да му покаже на светот дека во Глазгов веќе нема предрасуди. Џонстон претходно играл за француски Нант каде давал голови на секој трет меч и бил пред нов договор со Нант, но веќе во мај 1989 година објавил дека е пред договор со Селтик.

Селтик бил спремен да плати огромни милион фунти (рекорден трансфер во шкотскиот фудбал во '80-те години), а Мо јавно зборувал за поврзаноста и љубовта кон клубот.

„Имаше многу гласини дека сакам да одам во Манчестер Јунајтед, но никогаш не сум помислил да заиграм за кој било друг британски клуб освен Селтик“.

Но овие зборови на Џонстон биле само формалност. Шефовите на Селтик и фудбалерот не се договориле и веќе во јули 1989 година претседателот на Ренџерс - шкотскиот бизнисмен Дејвид Мареј објавил дека го потпишале Мо Џонстон за пола милион фунти.

„Пред сè ова беше фудбалска одлука. Потпишавме играч кој е најдобар во Шкотска и тоа е се што е важно. Иако, тој го сврте вниманието на светот на нашиот клуб“.

А тренерот на Селтик Били Макнил кажал каков гнев предизвикал фудбалерот Мо Џонстон. „Јас никогаш нема да му простам и мислам дека навивачите на Селтик мислат како мене. Мо пројави неуважување кон сите нас“.

Навивачите на Селтик го поддржале тренерот. Џонстон бил нарекуван Јуда, а незадоволни од трансферот биле и навивачите на Ренџерс. Тие ги враќале шаловите во фан шопот и се заканувале дека ќе ги фрлат сезонските карти.

Фудбалерите на Ренџерс исто кренале глас, одбивале да одат на прес конференција на која го претставувале нивниот нов соиграч и не сакале да се сликаат со него.

Легендата на клубот, Тери Бачер во својата автобиографија раскажал една случка:

„Џими Бел (кабинерот на клубот задолжен за опремата) обично на сите играчи им спремаше чист комплет но го игнорираше Џонстон. Моравме да ја переме неговата опрема на друга место“.

Во ноември 1989-та Мо Џонсон истрчал на „Ајброкс“ и тоа во дуел против неговиот поранешен клуб Селтик (играл таму од 1984 до 1987). Трибините се треселе. Сите го навредувале.

На минута до крајот од мечот, Мо искористил една грешка на стоперот на Селтик и го постигнал единствениот гол на мечот. Во тој момент трибините заборавиле на омразата и заедно со него ја прославиле победата против смртните ривали.

Во првата сезона во Ренџерс, Мо Џонстон станал најдобар играч, постигнал 15 гола на 35 меча. Два пати по ред станал шампион на Шкотска со Глазгов Ренџерс и навивачите веќе му простиле. 

Овој прв трансфер на играч католик во Ренџерс поминал болно. Ниту играчите, ниту навивачите не биле спремни да ги прифатат новите правила кои претходно ги немало 100 години.

Шпанскиот напаѓач Франциско Сандаза кој дошол во Ренџерс во 2012 година кажал: „Дали сум католик? Не сакам да зборувам за тоа. Чудно ли е што дојдов во протестантски клуб? Тоа не е прашање на кое фудбалот треба да обрнува внимание. Но во мојот прв ден во клубот ми советуваа да не се прекрстувам пред натпреварите“.

Вакво нешто доживеал и Фернандо Риксен кој играше во Ренџерс од 2000 до 2006.

„Морав да го менувам телефонскиот број секоја недела поради закани на религиозна основа. Еднаш син ми се јави и пред да оди во школо слушаше како го проколнуваат“.

Во клубот се смениле многу тренери, играчи, претседатели, но едно останало исто - омразата кон католиците.

Така во 2019 година УЕФА му ја затвори навивачката трибина зад едниот гол на Ренџерс зошто против Легија Варшава скандирале: „По ѓаволите да оди Римскиот Папа и Ватикан“. На тоа место кое беше празно Ренџерс стави банер Equal Game (Рамноправна игра). После овој настан тренерот Стивен Џерард побарал од навивачите да ги почитуваат различностите.

Но молбите на Џерард не биле послушани. После помалку од една година, навивачите на Ренџерс на гостувањето кај Брага пред мечот од 1/16 финалето на Лига Европа пееле песни против католиците, а патниците во авионот ги криеле крстовите да не ги провоцираат пијаните хулигани.

Потписот на Џонстон не стана пресвртен момент кој би ги смирил двете шкотски страни. Притоа Селтик 9 години по ред е шампион и тоа само дополнително ги гневи навивачите на Ренџерс.глаз