Тие што бевме во нашиот автобус направивме маици со Барт Симпсон, натпис Ултрас и Инвазија Бари. Долго време ја чував таа маица која ми беше повеќе од драг спомен. Во договорено време се чекавме пред источна трибина каде се појави автобусот со Нишлиите. Гепекот го наполнивме со знамиња, ролни и транспаренти, а во Ниш го ставивме тапаните и големото прекривно знаме кое го организираше Зоња.
Бев скептик за тоа знаме, но кога го раширивме ми застана здивот. Беше 60x37 метри и тоа беше нешто најубаво што сум видел до тогаш. Тоа беше големо српско знаме со грбот на Србија на средина. Имавме и 100 црвено-бели чадори, но италијанската полиција не ни дозволи да ги внесеме на стадион. Сите тогаш бевме добро расположени и сите беа во еуфорија. Се случуваа работи кои беа историја. Јас имав тогаш 27 години, најубави за навивач. Доволно возрасен за да го разберам моментот и да бидам разумен и реален и доволно млад да имам доза на лудост и бунтовник. Мислам дека се вистинските години за еден човек да биде еден од водачите на толку голема група и да доживее и прими одговорност за финалето на Купот на шампионите. Го наполнивме автобусот и некаде пред полноќ тргнавме.
Пеџа тераше во свој стил. Понесе неколку литри виски и неколку пакети пиво. Веднаш штом тргнавме сè почна со пиење и ни снема после стотина километри. Застанавме на последната пумпа и мотел пред влез во Хрватска. Договорот беше поради целата ситуација да не застануваме во Хрватска, туку претходно физиолошки да се олесниме и цела Хрватска да ја извозиме во еден здив. Уште не беше тогаш многу опасно, но не сакавме ништо да ризикуваме. Кога стигнавме во Адашевци излеговме од автобус и тргнавме накај мотелот каде имаше кафеана. Влеговме со желба да се снабдиме, но на сцена стапи Пеџа кој удри со рака на шанк и рече: „Усташ, дај едно пиво“. На човекот ништо не му беше јасно, но му даде пиво. Некаде на патот низ Хрватска Пеџа поврати во автобус. Седеше некаде на средина и иако се обидувавме да исчистивме, долго време после тоа смрдеше одвратно. Кога влеговме во Словенија нè застана полиција. Сакаа да нè легитимираат внатре, но кога полицаецот влезе и ја осети ареата веднаш излезе, а истото ни го рече и нам. Веројатно во себе само си го потврдил мислењето на Словенците за нас дека сме цигани, само поради смрдеата на повраќано во автобусот.
По кусиот застој продолживме и по ситните проблеми со југословенската гранична полиција влеговме во Италија. Кога стигнавме до граница нашата полиција нè претресе детално и речиси ќе паднеа во несвест кога видоа колкава количина на хартија носиме. На крај рекоа дека не може да го внесеме знамето со ликот на Дражен и транспарентот со натпис „Дејиле равна гора“. По малку натегање и наша решителност да не одиме доколку не нè пуштаат да ги внесеме знамето и транспарентот, граничната полиција попушти. Кога влеговме во Италија прво застанавме во Трст за да ги земеме од железничка станица бакљите кои ги оставивме со Зоња.
Потоа застанавме на една пумпа од каде Пеџа почна со своето шоу. Каде и да застанеме додека патувавме до Бари купуваше по два пакети пиво и еден литар виски. Кога влегувавме во автобус едниот пакет пиво го земаше за него, а другиот пакет и вискито ги делеше за другите. Можете да замислите каква појава е Пеџа со своите 170 кила, долга коса, сини тренерки и нон стоп пијан. Цел пат пиеше и постојано беше пијан. Ќе се напиеше, ќе заспиеше, по пола саат дремка ќе се разбудеше и пак продолжуваше да пие. И така три дена. Беше една од најголемите легенди од северот од тоа време. Не беше силен, ниту луд, а не се ни тепаше, но беше голема, позитивна будала. Го познавав многу долго. Иако беше многу откачен, беше многу паметен дечко кој одлично ја познаваше српската историја. Беше и културен и воспитан, но алкохолот му го уништи животот.
Многу го сакав и го земав со нас бидејќи секогаш беше интересен. Кога застанавме во Римини направивме саат време пауза. Пеџа влезе да купи за пиење но кога платил со 10.000 лири, продавачката му вратила кусур како да купил со 100.000. Кога виде што добил назад рече дека на враќање ќе си купи нешто за себе од Венеција. Застанавме во Венеција, но Пеџа рече дека тоа не е за него. Уствари и што ќе му е гардероба, подобро со парите нешто да се напие. Никогаш не доби подобар прекар на овој бел свет. Доволно е само да се каже „Најлошиот“.