Навивачите на Борусија Дортмунд важат за едни од најверните навивачки групи на светот. Познатиот „Жолт ѕид“ вообичаено сам ја креира клупската политика, ги регулира цените за сезонските карти и заедно со управата активно работи во и околу клупските случувања.
Специфичниот закон присутен во Бундеслигата им овозможува на навивачите да учествуваат во политиката на клубот а нивна цел е строго да забранат некој богат инвеститор преку ноќ да го внесе својот капитал во некој клуб и да ја погази вековната традиција (освен гигантите Волфсбург и Баер Леверкузен кои се основани од работниците на овие компании многу одамна).
За еден инвеститор да може да дава пари, да финансира еден клуб, тој мора најмалку 20 години да биде присутен и активен во клубот. Од таа причина голема врева крена големиот подем што го фати еден клуб од Лајпциг, спонзориран од парите на спонзорот Ред Бул.
Во 2009. година, познатата компанија Ред Бул (сопственик и на клубот Салцбург), го купи германскиот петтолигаш СВВ Макранштад. Промените беа неизбежни, клубот доби ново лого, нов грб, нов стадион, па и ново име кое се однесува на спонзорот.
Членството во Баерн Минхен на годишно ниво (со право на глас за разни одлуки) се плаќа 80 евра. Во Дортмунд членството изнесува 60 евра годишно, а управата на Лајпциг одлучи кај нив таа да биде 800 евра, така што сега само 17 луѓе одлучуваат за сè.
Лајпциг во рок од 5-6 години стигна до Бундеслигата, а навивачите ширум Германија веќе неколку сезони на ранзи начини се борат против овој клуб од некогашна Источна Германија. Го сметаат за симбол на сето она против што вртат грб.
Додека РБ Лајпциг играше во Цвајта (втората германска лига), навивачите на Унион Берлин во првите 15 минути молчеа, а навивачите на Динамо Дрезден отидоа уште подалеку и на меч од Купот против „богаташите“ од Ред Бул на теренот фрлија глава од бик што е сурова порака дека новите богаташи не се добредојдени во нивното друштво.
На духовит начин реагираа навивачите на Хофенхајм, кој метеорскиот раст на РБ Лајпциг го проследија со паролата: „Го сакаме назад статусот најомразен германски клуб“.
Дитрих Матешиц, маркетиншкиот волшебник на Ред Бул на времето ја купи тогашната Австрија Салцбург, култен клуб со огромна армија навивачи и брзо удри по светоста на клубот. Смени се што можеше да им смени, грб, боите на дресовите, името, логото, стадионот. Потезите на австрискиот бизнисмен ги разгневи навивачите кои од протест основаа свој клуб со традиоционалното име и дресови.
Викендов Борусија Дортмунд игра против Лапјциг на гости, а навивачите одлучија поради бојкот на омразениот клуб да не гостуваат (344 километри до Истокот) и мечот заеднички да го следат на радио, на стариот терен на Дортмунд, во Роте Ерде. Тие се големи борци против било какво корпоративно гледање фудбал и поради тоа најстрого им забранија на домаќините од Лапјциг да прават пригодни шалови за овој меч на кои ќе стои и името, боите и грбот на Борусија Дортмунд.
Правилата на Бундеслигата не им допуштаат на клубовите да се викаат по спонзорите, но спретниот австриски тајкун нашол дупка во „законот“. На брзина го додал името Rasenballsport Leipzig што во превод значи „топкарски спорт во реонот Лајпциг“. Нему најважно му била алузијата на скратеницата РБ поради Ред Бул.
Германските навивачи не сакаат да им се случи тоа што се случува во Англија и Германија, а од скоро и Италија, земји со богата фудбалска традиција чиј интегритет го уништи приливот на сомнителни американски, арапски, кинески и руски пари. Тие клубови брзо се оддалечија од народот, практично им ги украдоа на навивачите кои сега мора да плаќаат неверојатни скапи влезници ако сакаат да гледаат фудбал.
Од друга страна, навивачите на РБ Лајпциг, свесни каков имиџ имаат ширум Германија, одговараат дека сите оние кои ги обвинуваат се лицемери, затоа што конечно после толку децении еден сиромашен клуб од Источна Германија добил богат сопствени и ќе игра прволигашки фудбал.