За првпат во историјата едно Светско првенство ќе се игра со 48 репрезентации и три домаќини.
Надвор од европскиот континент кој ќе даде уште 4 селекции преку својот бараж, останати се уште две празни места за остатокот од светот. Тие ќе ги пополнат две селекции преку меѓуконтиненталниот бараж, легендарен циклус квалификации кој ФИФА го одржува одамна но со долга пауза од 1962 до 1986.
За овие две места на завршен турнир кој ќе се игра во Мексико, тешки борби ќе водат шест репрезентации: по една од Јужна Америка, Азија, Африка и Океанија и две од КОНКАКАФ кој ќе има дополнително место зошто е континент-домаќин на Светското првенство.
Јужна Америка ќе ја претставува: Боливија
Африка: ДР Конго
Азија: Ирак
Океанија: Нова Каледонија
КОНКАКАФ: Јамајка и Суринам
Овие шест репрезентации ќе бидат поделени во два мини турнири со по три селекции, а победниците на секој мини турнир ќе обезбедат карта за Мундијал 2026.
ФИФА преку ранг листата ги одредува повластените репрезентации. Двете најдобро рангирани селекции ќе добијат директен пласман во финале на својот мини турнир односно ќе го чекаат победникот од дуелот на двете послабо рангирани селекции. Преостанатите четири тима ќе мора да играат полуфинале.
Ноемвриската ранг листа на ФИФА се уште не е излезена но уште од сега е јасно дека нема простор за големи промени. Ирак е на 57. место најдобро рангиран, ДР Конго е 60-то место, Јамајка 68-мо, Боливија е 76-та, Суринам 125-ти а Нова Каледонија 150-та.
Ова значи дека Ирак и ДР Конго ќе имаат директно место во финалето на Меѓуконтиненталниот бараж, а Јамајка, Боливија, Суринам и Нова Каледонија ќе мора да играат и полуфинале на бараж.
Јамајка и Боливија се во друг шешир што значи дека нема да може да се паднат едни против други во полуфинале туку ќе играат против Суринам или Нова Каледонија. Од сега е јасно дека кој ќе падне со селекцијата од Океанија ќе добие бинго затоа што станува збор за апсолутен аутсајдер составен од играчи кои не се професионалци, туку играат зошто тој континент просто мора да има претставник во баражот зошто Нов Зеланд се пласираше директно на Светско.
Натпреварите од Меѓуконтиненталниот бараж се закажани во Мексико за 26-ти март и 31-ви март во градовите Гвадалахара и Монтереј.