Македонија ќе добие по 20.000 карти за секој меч на ЕВРО2021

Колоните македонски навивачи, ако конечно заврши глобалната пандемија, следното лето ќе ги обојат трибините на 2 преубави стадиони.

Европската фудбалска унија (УЕФА) пред почетокот на вирусната пандемија проектираше како ќе изгледа продажбата на влезници за секој натпревар: од различни цени за различни трибини, до начинот на онлајн резервација.

Првата етапа на продажбата се одржи од 12 јуни до 12 јули 2019. Втората беше од 4 до 18 декември лани, а третиот контингент карти според планот на УЕФА беше достапен во април годинава.

Најважна ставка е што влезници за натпревари од Европско 2021 ќе може да се купат само на официјалниот сајт на УЕФА која на својот сајт напиша дека наскоро ќе објави датум на продажба на влезници за натпреварите на Македонија, Унгарија, Шкотска и Словачка.

Ваквиот онлајн начин на продажба на влезници е пред сè со цел да се избегне фалсификат карти кои би се продавале на рака. УЕФА ќе допушта на стадиони само сопственици на карти чии податоци се совпаѓаат со оние на влезницата.

Карти се купуваат на следниот начин: регистрирајте се на сајтот на УЕФА (можно е да се логирате преку својот Гугл или Фејсбук акаунт) и да кликнете на конкретен натпревар (можно е и неколку, главно правило е да не букирате карти за два меча во еден ист ден, освен ако немате личен авион па може да ве пренесе во друга држава).

Важно е да се напомене и дека при купувањето карти, можно е да вклучите уште три лица, а нивните имиња подоцна да ги смените на сајтот во случај да има промени. Лотаријата на сајтот на УЕФА ќе се спроведе електронски. Нема правила во однос на картите, едно лице би можело да добие влезници за сите натпревари, за две или за една.

КАКВИ КАРТИ ИМА И КОЛКУ ЧИНАТ?

УЕФА подели влезници во три ценовни категории. Првата категорија предвидува билети за најубавите места, оние во центарот. Втората по аглите од трибините и трета категорија зад головите, онаму каде обично седат навивачите на двете репрезентации.

На некои стадиони картите ќе бидат поевтини, затоа што УЕФА пресметала дека куповната моќ на жиелите на Азербејџан, Унгарија и Романија е пониска отколку на жителите во останатите земји/градови во Европа.

Така на пример карти за групната фаза и 1/8 финале и 1/4 финале ќе има карти од 30 евра за трета категорија до 125 евра за прва категорија во овие градови.

Во останатите европски градови домаќини за натпревар од групна фаза или од 1/8 финале ќе мора да се плати од 50 до 185 евра за една влезница во зависност од категорија, а за 1/4 финале од 75 до 225 евра. Волку ќе чинат и картите за мечот на церемонијалното отворање.

МАКЕДОНСКИТЕ НАВИВАЧИ ЌЕ МОЖАТ ДА КУПАТ КАРТИ ПО 30 ЕВРА

Во 1. коло Македонија на 13 јуни ќе игра против Австрија во Букурешт на „Националната Арена“ која има капацитет од 55.634 места. На исто место на 17 јуни ќе играме во 2. коло против Украина,

Цените за карта за овие натпревари чинат од 30 до 125 евра. 

Според параметрите на УЕФА, влезниците за натпреварите во оние градови кои се во земја со посилна куповна моќ, влезниците ќе чинат нешто поскапо.

Така, за да ги бодриме нашите јунаци на 21 јуни 2021 година на големиот мегдан против Холандија во Амстердам, секој навивач на Македонија ќе треба да одвои 50 евра (трибини зад головите), 125 евра (втора категорија), 185 евра (прва категорија).

АКО КУПИШ ВЛЕЗНИЦА, А НЕ МОЖЕШ ДА ОДИШ НА МЕЧОТ, ДАЛИ МОЖЕ ДА ГО ПРЕПРОДАДЕШ?

Да, како и секогаш, УЕФА дозволува платформа за препродажба на карти кои ќе им дозволат на навивачите да купат и да продаваат на друг по номинална цена. Ова најверојатно ќе проработи во април кога ќе почне третата етапа продажба на влезници.