РК Вардар 1961 потврди топ засилување од француска лига и доби нов јак спонзор
23 април 2026
- Убави ветришта дуваат кај двократниот европски шампион. По освоениот Куп пехар до кој дојдоа со крајни маки против тврдиот орев, црвено-црните блескаат и во првенството каде се први и на чекор до нова шампионска титула после цели 5 години.
- Управата на чело со почесниот претседател Михајло Михајловски денес на прес-конференција потврди дека клубот го договорил и 23-годишниот француски ракометар Матео Фадуил.
- Во оваа сезона, Фадуил настапува за Трембли за кого на 24 натпревари даде 157 гола. Французинот во Трембли е од 2022 година, а покрај за Нант за кого играше од 2019 до 2021, настапуваше и за Саран на позајмица и за Кретеј. „Фадуил ќе биде и последно засилување во ростерот на Вардар за новата сезона“, потврдил Михајло Михајловски кој додал и дека според тренерот Чупиќ, Вардар 1961 ќе биде за 40% појак од оваа сезона.
- Претходно, Вардар за следната сезона ги договори Мохаб Абделхак, Милан Бомаштар и Леон Љевар.
- Ракометниот клуб Вардар 1961 објави и дека договорил нов моќен спонзор со кој ќе соработува во иднина. Станува збор за „Казинос Австрија Интернешионал“, компанија која ќе биде еден од главните поддржувачи на вардарци.