Поради конфликтот на релација ФИБА и Евролига, најдобрите кошаркари од елитниот европски турнир не можеа да доаѓаат да играат за своите репрезентации во таканаречените прозори затоа што имаа обврски во своите клубови.
Од таа причина, без водечките кошаркари од Евролига и НБА, селекторот на Шпанија Серџо Скариоло пронајде одличен рецепт кој го одведе до врвот.
Дури седум кошаркари кои го освоија европското злато во Берлин во неделата, пред извесно време играа во квалификациите за Светско против Македонија, Грузија и Украина. Кошаркари за кои малку кој слушнал надвор од нивната земја. Скариоло ги испочитувал и ги повел и на Европското 2022, свесен дека тимската хемија функционира.
Така на дуелите со Македонија, прво во Скопје (пораз на нашата селекција 65-94), па потоа и во Сарагоса (пораз 80-44), за „црвената фурија“ играа Себастијан Саиз, Хаиме Прадиља, Дарио Бризуела, Жоел Пара, Алберто Дијаз, Хабиер Лопез-Аростеги и Хаиме Фернандез, кошаркари кои и тоа како придонесоа во освојувањето на европското злато.
„Поголеми дел од екипата беше тука и низ квалификациите, знаевме дека ќе имаме проблем со играчи од НБА и Евролигата, па размислувавме однапред. Имавме план“, изјави Серџо Скариоло кој на Шпанија и донесе 4 европски злата, 1 светска титула, олимписки сребро и бронза.
Италијанецот направи совршен спој на гореспоменатите играчи кои доаѓаат претежно од шпанската лига, со засилувања од НБА, браќата Ернангомез (исто имаа скромна минутажа во НБА), Гаруба и натурализираниот Лоренцо Браун.
Кошаркарската клиника на доктор Скариоло - четврто европско злато