Кошаркарската клиника на доктор Скариоло - четврто европско злато

Шпанија дојде на Европско без голема галама, беа сместени на 8. место на листата најголеми фаворити за злато. Речиси никој не веруваше дека екипа составена од претежно анонимни кошаркари, засилена со натурализираниот Американец Лоренцо Браун ќе може до самиот врв. Докторот на клупата, Серџо Скариоло ги разубеди сите и покажа зошто е број еден европски тренер во моментов.

Кошаркарската јавност од мај месец па наваму, во пресрет на Европското првенство како да подзаборави дека европската кошарка со помалку ѕвезди во тимот и апстрактен талент и со повеќе тимска игра и можност таа постојано да се менува и прилагодува на противникот, да трпи удар и да реагира на секој ривал е онаа спремна за врвот.

Репрезентацијата на Шпанија влезе во период на смена на генерација. Многумина сметаа дека ќе ѝ треба најмалку еден турнир за да ја врати доминацијата.

Без браќата Гасол, Рики Рубио, Серхио Љуљ, Серхио Родригез и плејада други врвни играчи, Шпанците на Европското дојдоа мирно и тивко. Исто беше и со селекторот Скариоло кој на гласањето за најдоар тренер пред турнирот беше на четврто место со 10% гласови, далеку зад Светислав Пешиќ и Димитрис Итудис.

НЕВЕРОЈАТНО ВОДЕЊЕ ОД КЛУПА, ДИНАМИЧНОСТ, ЗНАЕЊЕ, КОШАРКАРСКА КЛИНИКА

1. Скариоло во плејофот ја искористи целата длабочина во ротацијата - дури и во финалето се потпре на 10 играчи. Еден од најдобрите во составот беше Алберто Дијаз, човек кој последен се качил во авионот кога Серхио Љуљ поради повреда отпадна од репрезентацијата.

2. Скариоло креативно играше на неговите универзални центри: Вили Ернангомез (МВП на Европското) се прилагоди на пик-ен-рол играта а Усман Гаруба одигра одлично во двата правци со сјајна атлетичност во одбрана.

3. Скариоло најдобро од сите ја спреми играта против лидерите на противничките селекции и добро го примени рецептот од Торонто Репторс (беше помошник на Ник Нерс во шампионската генерација) за легендарната зона „бокс-енд-даун“. Така ја разби Литванија откако го отсече од топка Валанчунас, го маргинализираше Лаури Марканен со чести фаули „по раце и по нозе“ во вториот дел од мечот со Финска, го врза Шредер во финишот од мечот со Германија преку лукавиот и брз Дијаз и со блокот на карпестиот Гаруба.

4. Скариоло докторски ги распредели улогите благодарение на што Шпанија не испаничи ниту кога Французите направија неверојатна серија од 11-0 и се вратија во игра. Лоренцо Браун го контролираше ритамот и асистираше (со 11 асистенции во финалето го израмни рекордот на Дражен Петровиќ од 1989-та) точно таму каде што треба во конкретен момент.

Италијанскиот стратег демонстрираше генијалност со комбинирана одбрана во која Французите паѓаа во замки и така го успорија протокот на топка поради што во првиот дел имаа дури 10 изгубени и фрлени во аут топки.

5. Наместо браќата Гасол, Скариоло сега ги укомпонира одлично браќата Ернангомез, Вили и Хуанчо којшто се најзаслужни за златото. Првиот доби МВП награда за најкоирсен играч на целото првенство иако во финалето немаше „мека рака“, а вториот блесна во финалето и со 7 тројки од 9 обиди до врв го наполни кошот на Французите.

Фантастично Европско одиграа и кошаркарите кои ги искористија максимално минутити кои ги добија: Хаиме Фернандез, Бризуела и Прадиља.

6. Скариоло секогаш беше спремен за секаков развој на настани на паркетот. Постојано со кренати раце, викаше, скокаше и одбиваше да биде поразен во целата нокаут фаза.

Влијаеше на играта, непрекинато наоѓаше брзи решенија од клупа, менуваше систем на одбрана, го држеше високиот интензитет, знаеше кога да влезе во дискусија со судиите кога противникот фаќаше залет со цел да им прекине серија, наоѓаше слаба точка во противничката одбрана...

Дури и во финалето кога Французите од „нигде никаде“ се вратија на смо -3 поени разлика и беа спремни да го однесат мечот во драма (серија 9-0), Скариоло со тајм-аут ги олади, го врати Хуанчо Ернангомез во игра, го удвои Јабуселе, ја смени одбраната која донесе нови дефанзивни скокови и тука мечот беше решен.

Италијанскиот стручњак кој на клупа на Шпанија седеше од 2009 до 2012 па сега во вториот мандат од 2015-та, на „црвената фурија“ и донесе 4 златни медали од Европски првенства (2009 во Полска, 2011 во Литванија, 2015 во Франција и 2022 во Германија), 1 злато од Светско првенство (2019 во Кина), сребро и бронза од Олимписки Игри. Апсолутен рекордер е и најтрофеен селектор во историјата на Шпанија.

„Влеговме на турнирот како осми кандидат за злато според официјалните предвидувања. Влеговме на турнирот без МВП играчи, суперѕвезди од НБА лига, Ол-стар кошаркари... Многу сум среќен што успеавме да ги победиме сите. Среќен сум поради начинот на кој игравме кошарка во два правци.

Голема работа е завршена, посебно во младинските категории. Направивме се оваа генерација да ја спремиме за она што ја чекаше. Повеќето момци кои се наоѓаат овде, играа и во квалификациите. Знаевме дека ќе имаме проблеми поради играчите во НБА и Евролига, затоа размислувавме однапред. Секако не можевме да очекуваме злато, но работевме исправно.

Кога ќе ги погледате нашите млати атегории, многу работи прават како нас, поради тоа растат како екипа и поединечно и тоа се пренесува на сениорите. Ова злато не е предвидено, ние се трудевме да бидеме конкурентни секогаш, да се бориме за секоја топка во секој натпревар. Да ли сме повеќе или помалку талентирани од другите тоа е дискутабилно, но секогаш се боревме.

Оваа година можеби бев поагесивен, ми дозволија да додадам гас зошто на играчите не им сметаше. Не смеев тоа со онаа генерација. Како тренер морате да се адаптирате. Некои работи мораш да ги зголемиш, некои да ги намалиш, да би направил резултат“, искрено кажа после големиот триумф и титулата шампион на Европа со што ги обедини со светското злато од 2019-та, шпанскиот селектор Серџо Скариоло.

Тој би требало да ја води „црвената фурија“ до крајот на Олимпискиот циклус 2024.

Потоп на пресот на европските прваци

19 септември 2022 - 10:34