2017

Почнува Европското првенство во кошарка без Македонија

Како ретко кога досега, Европското во кошарка ќе мине без најголем број ѕвезди кои претежно играат во НБА и кои не добија зелено светло од франшизите за настап во Турција, Романија, Финска и Израел.

Со потфрлање на топката на мечот Словенија - Полска, во Хелсинки напладне започнува јубилејното 40. Европско првенство. Таму за жал нема да ја гледаме нашата репрезентација, а разочарувачки делува и фактот што ниту една телевизија од земјава нема да го пренесува овој најголем континентален собир. А некогаш се тркаа кој прв ќе добие права.

Европското првенство ќе се одржи од 31. август до 17. септември, за првпат во ваков формат - во четири земји (Финска, Израел, Романија и Турција).

Титулата ја брани Шпанија која што и сега е фаворит број еден, иако значајно ослабната. Ова Европско го одбележија откази на најголемите ѕвезди, така што нивото на квалитет ги изнивелира сите учесници и создаде плодна земја за многу изненадувања.

Во првиот круг на фаворити, освен Шпанија, влегуваат уште и Франција, Литванија и Србија а близу до нив се и Грција, Хрватска и Италија.

Овогодинешниот собир на најдобрите европски кошаркари ја продолжи праксата Европското да се организира во повеќе земји. Секоја од четирите групи е сместена во друга држава.

Шпанците доаѓаат без Никола Миротиќ, Серж Ибака и повредениот Серхио Љуљ. Србите како Олимписки вицешампиони се драстично ослабени без НБА играчите Милош Теодосиќ, Никола Јокиќ и Немања Бјелица, а на Европското нема да играат ниту Мирослав Радуљица, Никола Калиниќ, Немања Недовиќ, Марко Симоновиќ.

Хрватите во Романија ќе играат без тројцата страшно талентирани кошаркари кои кариерата ја градат во НБА: Марио Хезоња, Ивица Зубац и Анте Жижиќ.

Франција после долго време нема да може да смета на најдобриот играч во историјата на оваа земја Тони Паркер кој лани ја заврши репрезентативната кариера. „Триколорите“ ќе се борат и без Николас Батум и Руди Гобер кои се откажаа по консултации со своите НБА франшизи.

Турците ќе имаат огромна поддршка од домашната публика во групата Д, но ќе се натпреваруваат без протераниот од земјата Енес Кантер, Омер Ашик и сјајниот Ерсан Иљасова. Грците ќе играат без главната ѕвезда Јанис Адетокумбо кој наводно поради повреда не добил дозвола од Милвоки Бакс да игра на Европското поради што Грчкиот кошаркарски сојуз упати сериозна примедба со НБА клубот дека намерно не дозволува Адетокумбо да се појави на турнирот.

Интересно е дека после ова Европско, следното ќе биде одржано за четири години наместо за две како што беше во досегашниот систем.

На негово место ќе игра неговиот постар брат Таназис Антетокумпо кој игра за Панатинаикос. Селектор на Грција е Костас Мисас а главни адути ќе им бидат Ник Калатес, Принтезис, Папаниколау и ветеранот Јанис Бурусис. Италија се наоѓа во вториот круг на фаворити но без главните играчи Андреа Барњани и Данило Галинари не може да се надева на многу висок дострел.

Од главните фаворити единствено комплетна е Литванија која што доаѓа со лидерот Јонас Валанчунас. Европското почнува денес. Првата фаза од групи ќе заврши н а 7 септември а два дена подоцна ќе се игра нокаут-рунда во која ќе се најдат најдобрите четири селекции од вкупно пет од секоја група.

31 август 2017 - 12:40