Актуелниот европски шампион стигна до голем триумф на гостински терен против Кимки со резултат 87: 82 благодарение на пресвртот кој го оствари во последната четвртина. Домаќините на полувремето имаа предност од 43:35, а во своја корист го завршија и третиот период.
Последната четвртина грчкиот состав ја доби благодарение на четирите тројки во низа, со што остварија целосен пресврт на мечот. Перо Антиќ имаше одличен учинок со 11 поени, 8 скока и 2 украдени топки, а најпрецизни во таборот на Олимпијакос беа Хајнс и Спанулис со по 19 коша.
Во турското дерби кое се играше во Истанбул, Фенербахче го совлада Бешикташ со 78:72. Лидер на победничкиот тим беше Бојан Богдановиќ со 25 поени, а нашиот плејмејкер Лестер Бо Мекејлеб имаше учинок од 10 поени, две асистенции и четири украдени топки.
По лошото прво полувреме во кое домаќините губеа 10 коша разлика, успеаа да се вратат во игра во последната четвртина која ја добија со 30:17 и во сличен стил како Олимпијакос направија целосен пресврт.