Екипата на Олимпијакос се сметаше за аутсајдер на фајнал-фор турнирот во Истанбул, но успеа да го изненади и најголемиот фаворит, ЦСКА од Москва.
Првите поени на големото финале ги постигна Антиќ, а потоа Олимпијакос поведе и со 2:5, но набргу ЦСКА направи серија од 8:2 по што првата најнеефикасната четвртина во историјата на Евролига финалињата заврши со резултатот 10:7.
Но во втората четвртина Милош Теодосиќ го започна своето шоу против неговиот довчерашен клуб и со трите тројки, ЦСКА направи предност од +12 (25:13), за на паузата помеѓу двете полувремиња да се замине со резултатот 34:20.
ЦСКА Москва продолжи да ја контролира играта и во второто полувреме, а по цели 28 минути игра само тројца кошаркари (Антиќ, Спанулис и Папаниколау) имаа постигнато поени за Олимпијакос. Во тој период кошаркарите на ЦСКА го направија и најголемото водство на натпреварот од +19 (53:34), но до крајот на третата четвртина Олимпијакос успеа да намали на 53:40.
Одличната серија на Олимпијакос продолжи и во последната четвртина и по три минути игра намалија на 53:48. Во овој период од натпреварот конечно се разиграа и останатите кошаркари од грчкиот тим и Олимпијакос се доближи и до -3 (55:52).
Во драматична завршница, на десет секунди до крајот предноста на ЦСКА се стопи на само еден поен (61:60) по што Шишкаускас промаши две слободни фрлања, а на спротивниот крај на една секунда до крајот погоди Принтезис за конечни 61:62.
Перо Антиќ повторно одигра 18 минути за кои реализираше 7 поени, 2 скока и 1 украдена топка. Најефикасни во редовите на Олимпијакос беа Папаниколау со 18 и Спанулис со 15 поени. Во поразената екипа најефикасен беше Теодосиќ со 15 поени.
Од македонските кошаркари во минатото, Владо Илиевски, Врбица Стефанов и Лестер Бо Мекејлеб играа на фајнал-фор турнири, но губеа во полуфиналињата, а Петар Наумоски беше во составот на Југопластика, но не настапи на натпреварите кога неговиот тим ја освои европската круна во 1990 и 1991. Со тоа Перо Антиќ е првиот Македонец кој настапи на фајнал-фор турнирот и ја освои европската титула.