Некои нови клинци ќе играат за САД на Светско првенство

Пред секое големо натпреварување, дали Светско првенство дали Олимписки игри, главно прашање за кошаркарскиот турнир е во кој состав ќе дојде главниот фаворит. Дрим тимот.

Селекторот на САД и повеќекратен НБА шампион и како играч и како тренер, Стив Кер, за претстојното Светско првенство кое ќе се одржи во август и септември во три земји: Филипини, Јапонија и Индонезија, ќе има изменет состав од оној досега.

Интересно, Кер нема да има ниту едно име од оние кои играа на Олимписките Игри во Токио 2021 и на Светското првенство во Кина 2019.

Со исклучок на крилото Ентони Едвардс, во составот на САД ќе нема ниту една суперѕвезда од Ол-Старот во НБА, ниту член на идеалната петорка во лигата.

За САД нема да играат Џејсон Тејтум, Џајлен Браун, Маркус Смарт, Тре Јанг, Деандре Ејтон, Девин Букер, Зак Лавин, Џа Морант, Донован Мичел, Џулиус Рандл, ниту членови на старата гарда Кевин Дурент, Леброн Џејмс, Стеф Кари, Драјмонд Грин, Кајри Ирвинг, Харден, Клеј Томпсон, Пол Џорд, Дамјан Лилард и др.

СОСТАВОТ НА САД ЗА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО 2023:

Ентони Едвардс (Минесота), Микел Бриџис, Камерон Џонсон (Бруклин), Џајлен Брансон (Њујорк), Боби Портис (Милвоки), Тајрис Халибартон (Индијана), Џерен Џексон Џр (Мемфис), Вокер Кеслер (Јута), Остин Ривс (ЛА Лејкерс) и Брендон Инграм (Њу Орлеанс).

Сите ќе бидат дебитанти и за првпат ќе играат за САД на едно големо натпреварување.

Идејата на Стив Кер е со подмладен состав, со играчи желни за златен медал на Светско првенство со кој би застанале рамо до рамо со најголемите ѕвезди од земјата, да тргне кон тронот.

Лидер на овој состав со сигурност ќе биде динамичниот и атрактивен Ентони Едвардс, крилото на Минесота Тимбервулвс кој би требал да биде водечки поентер. Едвардс беше хит и прв пик на драфтот 2020, а сега има просек по 25 поени во својата трета сезона во НБА.

Покрај него, важна улога Кер планира да му намени и на Џерен Џексон Џуниор кој беше избран за најдобар дефанзивец на годината во НБА. Џексон игра за Мемфис Гризлис а има и одличен шут надвор од рекетот. Има голем процент на блокади и би требало да биде столб во одбраната.

Трет адут на Кер и стручниот штаб на САД ќе биде Тајрис Халибуртон кој важи за супер техничар со брз продор а главно оружје му е асистенцијата па сезонава имаше 10,4 асистенции во просек. Не се прослави во Сакраменто Кингс но затоа блесна во Индијана Пејсерс.

Џајлен Брансон од Њујорк Никс со своите партии за малку не доби шанса да настапи на Ол-стар мечот. Откако замина од Далас Маверикс во Никс доби повеќе простор и враќа со 27,8 поени во просек.

Не треба да се заборави ниту Брандон Инграм, некогашниот втор пик на драфтот кој во напад ќе биде уште еден ас за Стив Кер. Инграм има голем распон на рацете и широка лепеза на потези во противничкиот рекет.

Микел Бриџис беше изненадување на сезоната во Бруклин Нетс и еден од најзаслужните што екипата го амортизираше заминувањето на најголемите суперѕвезди Дурент, Харден и Ирвинг. Важи за голем работник на теренот и ривалите на Мундијалот ќе треба на него да обрнат големо внимание.

На претходниот Мундијал 2019-та во Кина, САД го имаше најслабиот резултат во својата историја. Завршија дури на 7. место после поразите во четвтфинале од Франција и во разигрувањето кога изгубија од Србија.

Сега се жедни за ново златно одличје, а новата свежа крв со младите ѕвезди сигурно ќе им биде потстрек за подиумот.

На пат кон тронот ги чекаат силни ривали: Франција, Шпанија, Литванија, Австралија, Србија, Словенија...

17 јуни 2023 - 15:15