НБА ја крати забавата

Челниците на НБА лигата сметаат дека кошаркарите премногу се забавуваат пред почетокот на натпреварите па планираат да ги ограничат нивните ритуали на 90 секунди.

Леброн Џејмс фрла пудра, Двејн Вејд се дига на обрачите и им отпоздравува на гледачите на сите четири страни од арената, Кевин Дурент обожава да се поздравува и гушка со соиграчите и противниците, кошаркарите на Чикаго потпишуваат автограми... тоа се најразлични рутини кои секој кошаркар во НБА ги прави пред натпреварите.

Но, Дејвид Штерн смета дека тие предолго се забавуваат и планира да им ја скрати забавата. Почнувајќи од оваа сезона, пред стартот на натпреварите тајмерот ќе почне да одбројува од 90 секунди и по истекувањето на тоа време кошаркарите ќе мора да бидат подготвени за натпреварот. Ако не се подготвени тогаш ќе добијат предупредување. За две одложувања ќе се добие техничка.

Кошаркарите веќе беа предупредени за новото правило и тоа почна да се практикува на претсезонските натпревари и тие веќе почнаа да ги кратат ритуалите кои минатата сезона траеја и по пет минути.

19 октомври 2012 - 09:46