Лудо финале во Каунас, Реал Мадрид од бездна на тронот

Во неверојатна драма каква само кошарката може да изрежира, Реал Мадрид го совлада Олимпијакос во финалето на Евролига 79:78 со кош во самиот финиш и стигна до единаесетта евро титула. Серхио Љуљ јунак на мечот со единствените поени постигнати во последни секунди.

Во големото финале во Каунас вечерва пред повеќе од 17.000 гледачи и претежно навивачи на Олимпијакос, „кралскиот клуб“ влезе по триумфот во полуфинале над вечниот ривал Барселона, а грчкиот шампион стигна по огромен пресврт против Монако.

Реал сезонава е како „мачка со девет животи“. Ја прегрмеа „кралевите“ незаборавната серија со белградски Партизан и од 0-2 се вратија со пресврт на 3-2. Во полуфиналето беа многу подобри од Барселона која сезонава ги победуваше каде стигнеше во домашните турнири во Шпанија, но на Фајнал Форот „кралот“ беше решен да стигне до пехарот.

Стартот на мечот донесе израмнета игра поен за поен, а лидерот по регуларниот дел на сезоната, Олимпијакос прв направи опиплива серија и со тројките на Кањан и Папаниколау стигна до високи +12.

Навивачите од Пиреја беа во транс и бучно го бодреа својот тим, а Реал Мадрид, вообичаено за речиси сите Фајнал Фор турнири немаше голем број свои приврзаници.

„Кралевите“ не тргнаа добро, особено блед почеток имаше високиот и снажен центар Таварес, па неговиот празен од го надоместуваа Руди Фернандез и Марио Хезоња кои донесоа благо намалување на резултатот 24-17 после првиот период.

Токму Руди и Хезоња како да го разиграа Таварес па Реал поведе во 14-та минута 29-31. До полувремето се играше израмнето и така и се отиде на одмор: 45-45.

Во третата четвртина Олимпијакос на крилјата на своите навивачи и неверојатниот Саша Везенков одново отиде на +5 но искусниот ветеран Чачо Родригез и Најџел Вилијам Гос тогаш излегоа во прв план и во 28-ма минута резултатот одново беше нерешен 59-59. Со погодоците на Шекил Мекисик и Костас Слуакс, црвените од Пиреја со 4+ ја затворија третата четвртина.

Како во претходните периоди, така и во последниот Олимпијакос предводен од бугарскиот репрезентативец кој веројатно ќе продолжи во НБА од следната сезона, Саша Везенков, повторно се одвои резултатски, +7.

По тајм-аутот на Чус Матео, човекот кој долги години му беше помошник на легендарниот Пабло Ласо а од сезонава е главен тренер, Реал Мадрид со поените на Чачо Родригез и Козер (две тројки) стигнаа на 78-77, само поен негатива.

Последниот напад за Олимпијакос кој имаше неколку празни обиди во финишот го доби Мустафа Фол кој не погоди па на Реал кој сезонава е како „мачка со девет животи“ му се пружи прилика да го организира последниот напад.

Серхио Љуљ реши да одлучува, а парадоксално, искусниот ветеран цел меч не постигна ниту еден поен, за да на крајот ладнокрвно погоди од полудистанца и тоа преку високиот Фол за +1 водство на „кралевите“. Слукас проба во последните секунди од далечина но не погоди и Реал Мадрид ја освои рекордната 11-та титула европски првак.

На крајот Валтер Таварес и Серхио „Чачо“ Родригез беа први стрелци кај шампионот со по 15 поени, центарот запиша и дабл-дабл со 10 скока, а Везенков со 29 поени и Кањан со 21 беа најефикасни кај Олимпијакос.

Претходно во дуелот за трето место, Монако убедливо ја совлада Барселона со 78-66 и го остави тимот на Шарунас Јасикевичиус со празни раце на трет Фајнал Фор едно по друго. 

Најдобриот играч на Фајнал Форот го расплака тренерот на Реал Мадрид

21 мај 2023 - 21:24