Најдобриот играч на Фајнал Форот го расплака тренерот на Реал Мадрид

Високиот и снажен Еди Таварес, еден од најзаслужните што Реал Мадрид стигна до 11-ти европска титула, доби МВП награда за играч на финалето. И покрај тоа што мечот резултатски го скршија ветераните Серхио Чачо Родригез и Серхио Љуљ, сепак Таварес уште од дуелите со Партизан и Барселона, на грб го носеше Реал.

Реал Мадрид до титулата го носеше Хесус Матео, човек кој долги години беше помошник на легендарниот Пабло Ласо, а кој од сезонава за првпат стана главен тренер на „кралевите“. 

Чус Матео долго време сезонава беше оспоруван и неретко омаловажуван од медиумите, од јавноста, од навивачите. Тој мирно и стоечки ги издржа сите критики и навреди дека не е достоен да го води големиот Реал Мадрид и на крај освои златна шампионска титула.

„Единствена работа што сакам е да му честитам на човеков десно од мене. Заслужи, тој заслужи, а вие луѓе би требало да му се извините на се зошто имаше многу критики и многу сомнежи на негова сметка. Сум работел со толку многу тренери во кариерата и никогаш никој не беше како него. Тој е шеф и секој пат мора да биде спомнат кога се зборува за овие успеси зошто веруваше во нас кога никој друг не веруваше и го заслужува ова повеќе од кој било друг, еден е од најдобрите луѓе кои некогаш сум ги запознал и секоја чест за него“, изјави емотивниот Таварес, а тренерот Чус Матео не се додржа и заплака.

Лудо финале во Каунас, Реал Мадрид од бездна на тронот

22 мај 2023 - 11:27