Квизот со кој Поцеко ги мотивирал Италијанците пред дуелот со Србија

Останува жал за неутралната публика што веќе на Европското нема макар уште еднаш да го види шоуменот Џанмарко Поцеко, италијанскиот селектор кој од ден на ден правеше фешта.

Италија беше на чекор од остварување на сонот. На 16 секунди пред крајот од 1/4 финалето против Франција имаа 2+ и две слободни. Симоне Фонтекио ги промаши, Уертел на другата страна реализираше, Фонтекио повторно го промаши последниот напад и аѕурите испаднаа.

Во меѓувреме во италијанските медиуми се појави симпатично видео од тоа како селекторот Поцеко ги мотивирал играчите во соблекувална пред епската битка во осминафинале со фаворитот Србија предводена од Никола Јокиќ.

Им направил мини-квиз и од џеб извадил тоа што имал во моментот, 40 евра. Ги добива оној кој ќе погоди: „Во кој параметар сме најдобри како селекција“?

Играчите нагаѓаа за да добијат 40 евра. „Во шут за три“, викна еден, но промаши. „Во скокови шефе!“ довика друг но и тој остана со куси ракави.

На крај 27-годишниот Амедеро Теситори даде точен одговор: „Најдобра одбрана“ и доби награда од Поцеко кој на тој начин како да сакаше да им предочи на кошаркарите со што се добива секој натпревар.

„Значи дечки. Денес играме добра одбрана а во напад се забавуваме“, шмекерски рекол Поцеко.

Така и испадна. Италија ги ограничи српските шутери на мизерен учинок, со густина во рекетот го врза Јокиќ, а во напад распали 16 тројки и на крајот славеше историски успех.

Италијанскиот селектор пак направи шоу

15 септември 2022 - 11:09