Во претходните денови, од непознати причини македонската јавност лицитираше со колку разлика кошаркарите треба да ја победат Британија за да стигнат до второто место кое би ги оставило во игра за пласман на Европското следната година.
Математиката беше едноставна, таму загубивме 19 разлика и требаше да победиме 20 во Кавадарци. Но наместо ние, гостите славеа со 29 поени разлика и нè вратија цела една деценија назад, затоа што после четири првенства по ред, Македонија ќе гледа кошаркарски собир на најдобрите пред телевизор.
Освен почетното водство од 5:0, после кое Британците постигнаа 21 поен а „Црвено-жолтите“ само 7, нашите кошаркари сфатија дека возот за Европското замина уште пред неколку кола. Првата четвртина заврши 14:21.
Во вториот квартал, Британија отиде на плус 10 поени разлика, но со тројките на Стојан Ѓуровски и Андреј Магдевски се вративме на пристојни 30-38. Следуваше нов пад на концентрацијата и слаба игра во одбраната поради што Британците на полувремето заминаа со водство од 14+ разлика (30-44).
Доминацијата на гостите, предводени од некогашната НБА ѕвезда Бен Гордон, Лоренс и Оласени, продолжи и во вториот дел. Каков таков отпор на физички доминантните Британци им пружаше капитенот Војдан Стојановски кој со неколку поени во серија нè доведе на 51-57, но надежта кратко траеше.
Најефикасен во репрезентацијата на Македонија беше Николовски со 17 поени. Војан Стојановски исто така беше двоцифрен и даде 15 поени. Кларк со 21 поен ја предводеше репрезентацијата на Велика Британија до победа. Лоренс додаде 14, Оласени 13 а Гордон 12.
Во првите три минути од последната четвртина не постигнавме ниту еден поен, а гостите брзо се одлепија на недостижни 21 поен предност (53:74). Тука беше крајот. Во последното коло од овие мизерни квалификации за заборав нашите кошаркари играат против Унгарија на гости.