Едно од најјаките и најдраги интервјуа на сајт, ни е со Христо Ѓорѓевски - Рики. Легендарен лик за некој нема Википедија, ама затоа со него има муабет кој не постои на Гугл.
Рики играл за Работнички од 63-та и бил дел од првата петорка од формирање. Од него слушнавме за првото забивање на отворено игралиште во Скопје, за првиот пресинг, првиот Југословен кој заминал во НБА лигата.
Време на тотална беспарица во кошарката, кога за ручек јаделе варени, а за вечера печени костени за да не им бидат оброците исти и кога пиеле лимонади на партизанска на цртка.
Лазо Лечиќ ги мерел пред и после тренинг. Тој што ослабел само едно кило, значи дека не се залагал доволно. За секој играч знаел колку се троши.
„Лечиќ беше школуван тренер. Има завршено две години на ДИВ во Белград и има диплома за кошарка и фудбал. Кај Аца Николиќ положи кошарка, а фудбал на катедрата кај Рајко Митиќ. Бараше од нас физичка подготвеност, дисциплина и доаѓаше во 22 часот по станови да провери дали сме легнати. Не нè оставаше со женски, но ние се снаоѓавме, прво ќе легнеме, па потоа ќе станеме за да одиме на закажаното. Беше строг и многу водеше сметка на одбраната, ние и таква екипа бевме, по квалитет послаба од другите и немавме екстра ѕвезди. Ние да имавме барем една ѕвезда ќе бевме прваци на Југославија. Тоа беше разликата, нијанса“.
Некоја анегдота?
„Играме против Борац од Чачак некаде 68-ма, 69-та, но што се случува. Играчите станале во 4 сабајле за да одат по риба, со кило ракија и потоа доцнеа на мечот. Лечиќ вика препозиции се да чекаме еден час, ако не утре ќе ја играме на трошок на домаќинот. Но потоа вика не сакам утре да играме, ќе чекаме ако треба до полноќ, а трибините полни. Овие кај 9 и нешто доаѓаат и не можат да ја погодат вратата.
Лечиќ спремаше тактика за Мишовиќ, како да го чуваат 4 играчи. Прво некој брз бек да го чува, бидејќи беше дебел и тромав и само шутер, потоа еден деснак, тоа беше Тевчев бидејќи беше јак и да го замори малку. Трет беше Димитревски Гајо, деснак и потоа судија и Гавровски Мирче. Ние бевме среќни, викаме ќе ги растуриме штом се пијани, но Мишовиќ ни даде 32 коша.
Инаку тој и голубарџија беше. Се сеќавам дека го бараа во Партизан, ги услови да му направат голубарник на отворено игралиште на Калемегдан, ако не не доаѓа да игра. Во репрезентацијата не играше од тие причини, инаку беше најдобар клупски играч. 30-35 поени даваше по натпревар, никој не можеше да го чува и Лечиќ вика ќе му ставам еден 195см, а тој е 180. Тој виде дека висок го чува и влезе да му игра центарски и му даваше табла кош.
На крај не тепаа и потоа одиме на вечера. Го прашав: `Па добро како можеше пијан толку поени да постигнеш`, а он вика: `Верувале или не, штом се дигнам на кош гледам три обрачи, во кој и да гаѓам, погодувам`. Нè растури човекот, не можевме да го чуваме, трезен да беше немаше толку поени да постигне. Инаку во Партизан не отиде, бидејќи не му направија голубарник“, раскажа Христо Ѓорѓевски - Рики во интервју за Офф.нет.