Квалификации за Евробаскет

Ќе се решава против Велика Британија во Кавадарци

Македонските кошаркари одново се измачија со Луксембург, овојпат на гости, каде победија 82:74 и задржаа какви такви шанси за второто место во групата.

Кога апсолутен аутсајдер и аматерска селекција ќе ви даде 31 поен за една четвртина, значи дека можеш да бидеш среќен што воопшто си победил. Нашите кошаркари мечот против Луксембург (по тешката извојувана победа во Кавадарци) го отворија со поени во третата минути кога Кире Николовски реализираше тројка.

Добриот почеток нашите го круисаа со предност од 8+ поени во првата четвртина (13-21), а почетокот на вториот квартал донесе и нешто подобра игра во одбрана и прва двоцифрена позитива (14-25). Имавме среќа што Ромео Тревис (досега не покажа зошто е доведен) и Јанески поентираа од рекетот и „Црвено-жолтите“ поведоа со огромни +16 поени разлика (18-34) а на полувремето имавме 14 поени предност (34-48).

Второто полувреме од нејасни причини започна катастрофално лошо, така што Луксембург направи целосен пресврт и поеде 58-55 пред крајот на третата четвртина. Кога започна четвртата четвртина, Луксембург со шут од далечина ја оддржуваше предноста, но во последните три минути да нема драма се погрижија Костоски и Ромео Тревис и Македонија едвај победи 74-82. Против Луксембург.

Најефикасен играч во нашиот табор беше Александар Костоски со 20 поени, 9 скока и 7 асистенции а 17 поени уфрли Кирил Николовски.

Овој триумф значи и дека мечот против Велика Беиранија во среда во Кавадарци ќе биде решавачки. Во случај да победиме над 17 поени разлика (со ваква игра многу нереално очекување), ќе бидеме сигурно втори со реални шанси да станеме една од четирите најдобри репрезентации во квалификациите.

ГРУПА Г
Луксембург – Македонија 74:82
В. Британија – Унгарија 80:88
ТАБЕЛА
1. Унгарија 4 4 0 349:287 8
2. В. Британија 4 2 2 348:333 6
2. МАКЕДОНИЈА 4 2 2 316:321 6
3. Луксембург 4 0 3 285:355 4

Следно коло (13.СЕПТЕМВРИ):
МАКЕДОНИЈА – В. Британија
Луксембург - Унгарија

Македонија може да заврши и втора со било каква победа над Британците, но под услов во последното коло да ја совладаме и Унгарија на гости, што и не е така неостварливо со оглед на тоа што Унгарците веќе се пласираа на Европското првенство и им останува рутински да ги одработат средбите до крај против Луксембург на гости и Македонија дома.

Во случај на пораз од Британија во среда во „Јасмин“, Македонија ќе остане без пласман на Европското првенство 2017.