Голден Стејт го збриша Бостон и се врати на тронот во НБА

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс се одново прваци во НБА лигата, откако во финалната серија беа подобри од Бостон Селтикс со 4:2. Стефон Кари блесна кога најмногу требаше и им ја затна муцката на критичарите.

Популарните Воини стигнаа до седмата НБА титула во својата историја и вкупно четврта во последните седум години, откако ноќеска славеа со 103:90.

Со овој прстен тие го поминаа Чикаго Булс кој остана на оние шест со Џордан и станаа третиот најтрофеен кошаркарски клуб. На врвот се неприкосновени Лејкерски и Селтикс со по 17.

Клучна за победата на Голден стејт во Бостон ноќеска беше серијата од 21:0 на крајот од првиот период и почетокот на вториот кога негативата од 22:16 ја свртеа во позитива од 37:22.

Стеф Кари на петтиот натпревар не успеа да погоди ниту една тројка, па претрпе многу критики и сеир, но затоа овој пат беше незапирлив и мечот го заврши со 34 поени, 7 скокови и 7 асистенции. Погоди шест тројки од 11 обиди.

Четвртата НБА титула во кариерата, му го донесе и признанието за МВП во финале, кое претходно го освои еднаш Игудала и два пати Дурент.

Кари влезе во историјата како еден од 11 кошаркари кои освоиле МВП признание за регуларната сезона, МВП на финалето и МВП на Олстар натпреварот. 

Тој е сега само седми кошаркар во историјата на лигата со минимум четири шампионски титули и две награди за најкорисен играч во регуларната сезона.

Најголема помош во реализацијата, доби од Вигинс кој одигра фантастична партија со 18 поени, Пул даде 15, а Грин и Томпсон учествуваа со по 12.

 

17 јуни 2022 - 08:38