Денвер израмни на 2-2 со луд кош во последна секунда

Кошаркарите на Денвер Нагетс ја одржаа уште жива серијата во разигрување за титулата против ЛА Клиперс откако синоќа славеа 101:99 со кош на Арон Гордон буквално во последни секунди. При резултат 99:99, на 6,3 секунди до крај Никола Јокиќ промаши една тројка од далечина но топката уште во вис ја фати Арон Гордон и маестрално заби за победа среде Лос Анџелес.

Никола Јокиќ постигна 36 поени а имаше уште и 21 скок и 8 асистенции и беше најзаслужен за оваа важна победа на Нагетс кои сега вратија за поразот на свој терен пред неколку вечери, израмнија на 2-2 и повторно се изборија за предноста на домашен терен.

Серијата сега се сели во Колорадо каде ќе се игра петтиот натпревар, шестиот ќе биде пак во Лос Анџелес а доколку нема победник во серијата, ќе има седми меч односно мајсторка која ќе се игра во „Бол Арена“ во Колорадо.

Покрај феноменалниот Јокиќ (36 поени, 21 асистенција), одлични во победничкиот состав беа уште и Кристијан Браун со 17 поени, 7 скока и 5 асистенции, Мајкл Портер Џуниор со 17 поени, 4 скока и 2 асистенции, Арон Гордон со 14 поени, 6 скока и 5 асистении и Џамал Мареј со 13 поени и по 7 скока и асистенции.
 

27 април 2025 - 07:51