60 години Мајкл Џордан: Зошто беше прв во сè што правеше?

Ја одбележа не само ерата во која играше, туку и иднината на спортот. Ја направи НБА глобална. И ден денес со „The Last Dance“, повеќе се зборува за него, отколку за денешните ѕвезди.

60 години. И митовите стареат. Но легендата за Мајкл Џордан не ги покажува брчките на возраста. Напротив. Неговото височество, човекот кој леташе со топката в рака, оној кој ја трансформираше НБА во глобална лига, слави важен роденден. 

Го слави во време кога неговата кошаркарска епопеја е посилна од кога и да е, лансирана во колективната имагинација од „The Last Dance“, документарец на Нетлифкс кој не престана да се емитува.

Џордан никогаш не излезе од мода и e помодерен од било кога. Некои од лични причини не можеле да ги доживеат подвизите на феноменот со број 23 и сега го откриваат архитектот на династијата на Чикаго Булс во 90-те. Други тогаш биле зафатени со други работи.

Ентузијастите од таа генерација пак, се потсетуваат на тие слики, како да беше вчера. Исто како кога ќе прегрнеш стар пријател кој ти се изгубил во лавиринтот на животот. Џордан беше можеби најдобриот играч во историјата на кошарката. Епохалните записи на Леброн Џејмс неодамна ја оживеаја дебатата: Подобар е Леброн или Мајкл? Убав избор.

МИТОТ НА ТЕРЕН

Шест финалиња, шест титули. Се створи аура на семоќност и непобедливост. Јазикот испакнат, скоковите нереални. Прво се искачуваше во височина, а потоа одлучуваше што да прави, додека другите веќе се враќаат надолу.

Епските шутеви, како оној против бекот на Кливленд, Крег Ело, постоеше и пред Леброн, како на пример еден на еден со Брајон Расел во финалето 1998, против Јута Џез, предводена од Стоктон и Мелоун.

Во него имаше натпреварувачка жестокост која е неспоредлива. Се памети и мечот одигран со грип на кој освои 38 поени во финалето 1997, кога дехидрираше.

Имаше безмилосна и непопустлива дрскот со која ги понижуваше противниците, а истовремено ги принудуваше соиграчите да го подобрат својот учинок. 

Три тутли пред повлекувањето и три по големиот кам бек. Тоа беше предност на Џордан пред остатокот од светот, пред тогашната конкуренција. 

Можеше да си дозволи да престане да игра бејзбол (1993-1995) со ограничени успеси и да се врати и да доминира како никогаш да не сменил спорт. Чудовиште. Икона. Токму тоа е терминот за сите феномени кои се појавија подоцна.

МИТОТ КАКО БРЕНД

Лери Бирд и Меџик Џонсон ја консолидираа НБА реалноста во Америка. Џордан ја направи кошарката да биде за сите. Без граници. Тој спектакуларен, супер атлетски стил го направи спортскиот производ незаобиколен бизнис и му даде привлечност каков што немал никогаш претходно.

Тоа беа времињата на легендарната реклама „Биди како Мајк“. Тоа големо момче Афроамерикаец стана инспирација. Пример дека напорната работа може да се исплати, ве води од ништо на сè, од тоа да бидете никој, а да завршите како најдобар.

Партнерството со Најк му донесе повеќе пари на Ем Џеј, отколку количество на вода што се излеа во Нијагарините водопади меѓу САД и Канада. Спортскиот бренд стана светски рекламно возило, без бариери.

Како што често се случува со големите љубови од минатото, времето има тенденција да не натера да заборавиме на сенките и да се потсетиме само на страста, на незаборавните моменти.

Џордан натера многумина да се заљубат во кошарката. Митовите се кажуваат и се сакаат, за нив не се разговара. Затоа што така функционираат подобро. Како предлог и како маркетинг.

Затоа ние имаме тенденција да го заборавиме неговиот деспотски карактер. Тиранин со противници и соиграчи. Денес се зборува со огорченост за ударот на Грин во Пул за време на тренингот на бранителот на титулата Голден Стејт Вориорс.

Во тоа време тоа се случи меѓу Џордан и Стив Кер. Веќе виден филм. Џордан во сè беше прв или скоро во сè. Постоеа и конфликти со раководството на Чикаго или поточно со Џери Крауз. Џордан беше болен од адреналин, опседнат од демонот на играта, кој се обложува на сè, некои тврдат дури и на НБА натпревари.

Џордан имаше потреба да се натпреварува со некого, секогаш и секаде. Да ја подигне границата на тешкотијата, да се бори и да го победи противникот. На паркетот тоа се случуваше често, скоро секогаш. Митот бил и е поттикнат од харизмата. 

Не можеш да го измислиш. Во него гледаа со почит, па дури и со страв. Еднаш влегол во теретана во Хаваи каде вежбал еден од неговите синови и како времето наеднаш да застанало, како некој да го притиснал копчето на пауза.

Сите гледале само во него. Арогантен, вообразен, шармантен и непобедлив по популарност, исто како на паркет. Уникатно. Среќен роденден Мајкл. Фала за спомените.

Riccardo Pratesi

17 февруари 2023 - 14:16