Двата португалски гиганти, Бенфика и Порто можат да држат предавања на темата „Како од ништо да направиш нешто“.
И црвено-белите и сино-белите, заедно со Спортинг Лисабон ја освојувале португалската Примеира лига неверојатни 80 пати, а титулата само два пати ја освоиле два други клуба кои не се во големата тројка на португалскиот фудбал - еднаш Белененсеш и еднаш Боавишта.
Бенфика и Порто доминираат во Примеира во изминатите 15 години. Едниот или другиот клуб без прекин станувал шампион од 2002. до денес. Освен тоа што доминираат во првенството, и двата тима промовираа многу квалитетни фудбалери.
Халк, Фалкао, Хамес Родригез, Данило, Алекс Сандро, Андерсон - се само некои од фудбалерите кои Порто ги купи во изминатите години. Заеднички именител за сите нив е дека Порто ги купил за мала сума од Јужна Америка а подоцна како што знаеме ги продаде за „грдни пари“ на европските гиганти.
Од 2004. година до денес Порто направил профит од 600 милиони евра! Само од продадени играчи. Бенфика не е ништо послаба. Тимот од „Луж“ направи огромен профит од продажбата на играчи како Анхел Ди Марија, Давид Луиз, Нико Гаитан, Рамирес, Енцо Перез.
Зошто и двата клуба пазарат најчесто во Јужна Америка? Како прво, Јужноамериканските играчи, историски важат за многу талентирани и лукави за разлика од Европјаните. Второ, вредноста на овие играчи пред да дојдат во Европа е многу пониска од онаа на Европјаните. До пред извесно време и Порто и Бенфика купуваа преку методот на трета страна во зделката. Порто плаќа мала сума за во иднина да обезбеди некој играч, а подоцна го продава за многу поголема.
Зделката со трета страна е забранета во англискиот фудбал од 2008. година откако Карлос Тевез и Хавиер Маскерано направија фијаско со трансферот во Вест Хем кога не се знаеше кој јаде кој пие. Во меѓувреме и УЕФА и ФИФА ја забранија третата страна.
Еден од главните агенти во светот кој ја разработе оваа методологија беше супер агентот Хорхе Мендес кој е менаџер на Кристијано Роналдо, Хамес Родригез, Давид Де Хеа, Жозе Мурињо и многу други големи имиња.
„Илегално е тоа што ја забранија третата страна. Илегално е. Многу луѓе не знаат што зборуваат. Немаат право да запрат играч да дојде и да има подобра работа а тоа го прават. Ги запираат да најдат добро место и тоа е нелегално“, изјави Мендес пред неколку месеци за Ројтерс.
Поборниците на третата страна во трансферите се разоочарани од забраната од неколку причини.
„Бенфика и Порто не земаат повеќе од 18 милиони евра годишно од телевизиски права. Во Англија мал клуб зема 80 или 90 милиони евра. Вака се убива конкурентноста. Порто и Бенфика играат добро во Лигата на шампионите, но веќе на едно повисоко ниво не можат да пројдат понатаму. Во Шпанија е исто. Атлетико Мадрид без правото на трансфери на трета страна никогаш немаше да ја освои титулата“, вели разочарано Мендес.
Бенфика во 2007. година го купи Анхел Ди Марија за 8 милиони евра а три години подоцна во јуни 2010. го продаде за три пати повеќе. Уште повеќе заработија на Давид Луиз кој на „Луж“ дојде за 1,6 милиони евра преку откуп на правата кои беа на трета страна (најчесто инвестициски фонд) а подоцна се пресели во Челси за 25 милиони евра.
Оваа методологија не би била возможна без одлична скаутинг мрежа. И двата португалски гиганти ловат таленти во Јужна Америка и пикираат играчи за мала сума. Но не сите играчи купено од таму на крајот стануваат супеѕвезди како Фалкао или Ди Марија. Многу играчи се купуваат и потоа ги позајмуваат за побрзо да се развијат, но таму се губат од радарот.
Друга олеснителна околност е тоа што Португалија нема строги критериуми околу работната дозвола за странци во земјата. Во Англија на пример играчите кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ мора да чекаат на ужасно тешка процедура за работна дозвола што е тешка околност за многу трансфери.
Португалија е Мека за талентите од Јужна Америка од уште една друга причина - културолошката и јазичната сличност. Португалската култура е речиси иста како и Јужно американската и играчите од овие земји многу полесно се адаптираат таму отколку во било која друга европска земја.
Времето, јазикот, амбиентот и културата имаат голем удел во адаптацијата на новата лига и често се вели играч кој надвор од теренот е задоволен, ќе биде задоволен и на теренот што ја прави Португалската лига идеален старт на нивниот европски пат.
Анхел Ди Марија додека беше во Манчестер призна дека многу му било тешко да се навикне на очајното сиво време и јазичката бариера поради што не покажа ништо од она што го покажува во ПСЖ. Во сончевата Франција Аргентинецот игра можеби најдобар фудбал во кариерата.