Зошто Милан треба да биде среќен што не игра во ЛШ

Тоа што не си дел од најелитното клупско европско друштво има и добра страна. Ќе го одмориш тимот, ќе се спремаш повеќе тактички и нема да имаш стрес во сред недела. Јувентус и Рома имаат такво искуство.

Oваа сезона фудбалерите на Јуве и Рома ќе имаат обврска плус за разлика од Милан кој за прв пат по 1999 година не успеа да избори излез во Европа.

Негативната страна се парите. Во 2014/2015 победникот во ЛШ ќе освои 37,4 милиони евра, не вклучувајќи ги добивките од тв правата, маркетингот и продадените карти. Тоа е една од главните причини што Милан летово  потроши само 12,6 милиони евра за засилувања, а заработи 28,5.

Добрата страна е тоа што тимот нема да се троши физички, а ниту психички во текот на неделата. На тренинг ќе може повеќе да се посветат на разни тактички шеми, да се концентрираат за натпреварите од недела за недела и да бидат поодморени.

За тренер дебитант во Серија А тоа е кец на десетка. Пипо Инзаги лани ги тренираше младите на Милан до 21 година и сега ќе може да стекне повеќе искуство како предводник на Милан во Серија А.

Со ова може да се пофали Рома и тоа од минатата сезона. Римјаните не одиграа ниту една минута на европските натпреварувања, но Руди Гарсија во својата прва сезона во Италија го препороди тимот.

Фудбалерите на Рома сезоната ја стартуваа со рекордни 10 победи во низа, а на крајот остварија и уште еден клупски рекорд, а тоа се 85 освоени бодови за една сезона. Шпанскиот стратег одлично го водеше тимот, раководството донесе засилувања, а навивачите се радуваат на фантастичната сезона.

Во 2010 година без Европа беше и Јувентус. Но новите раководни луѓе направија целосен ремонт во клубот, за тренер го назначија Антонио Конте, а резултатите покажуваат три Скудета по ред.

Ако на Милан не им е утеха тоа што може Лигата на шампионите да си ја гледаат на раат дома со пиво, нека се сетат на Манчестер Јунајтед. Ланската сезона за нив беше кошмар со Мојс кој го освои седмото место и не обезбеди пласман ниту во Лига Европа.

Луи Ван Гал ќе го нема тој стрес како Мурињо, Венгер и Пелегрини кои во вторник или среда ќе мора да состават тим за победа со здрави, сконцентрирани и спремни играчи за настап.

Тој ќе може да им ја студира играта на тв, а потоа со новите Ди Марија и Фалкао да го врати победничкиот менталитет во клубот и да ја крчка тактиката за висок пласман оваа сезона во Премиер лигата.

2 октомври 2014 - 18:03