Зошто кај корнер знаменцето на Атлетико секогаш има цвеќе?

На стадионот Висенте Калдерон во Мадрид, речиси две децении, секој викенд кај едното корнер знаменце се положува цвеќе како благодарност до човекот кој му ја донесе последната двојна круна на клубот во 1996. година.

Кога при крајот на јуни 1995. година, Радомир Антиќ стана главен тренер на Атлетико од легендарниот претседател Хесус Хил побарал неколку трансфери. Додека го читал списокот, претседателот застанал на едно име.
„Милинко Пантиќ, 29 години, Паниониос, грчко првенство. Сериозен си? Тој нема да успее во Шпанија“.
Ниту еден од раководителите на Атлетико Мадрид не го сфатил сериозно ова барање на стратегот Антиќ. Сите мислеле дека Антиќ сака да го донесе пријателот од Србија за да заработи некоја пара. И покрај несогласувањата на управата, тренерот не попуштил и донел видео касета со игрите на Милинко Пантиќ.
„Нема да зажалите, му објаснувал Антиќ на раководството на Јорганџиите“.
„Во ред, но пази, ако не заигра како што треба, јас ќе мора да ти одбијам од платата Радомир, строго одговорил легендарниот Хесус Хил“.
Антиќ бил спремен на сè, па брзо се ракувале. Една недела подоцна, Атлетико Мадрид го промовираше својот нов играч од средината на теренот.
 
Милинко Пантиќ, роден во Лозница, својата кариера ја градел во Партизан и Олимпија Љубљана, од каде по првите истрели и почетокот на војната на овие простори го фатил патот за Грција.
 
Во Атлетико, Пантиќ одигра толку добро што Антиќ немал време да се грижи за дебелината на својот новчаник. Во првото коло Пантиќ даде гол од слободен удар, потоа имал неколку асистенции, а наскоро станал и стандарден првотимец. До крајот на сезоната, Пантиќ постигна ни помалку ни повеќе туку 10 голови, а имаше и 20 асистенции со што му помогна на Атлетико Мадрид да стане шампион на Шпанија. Воедно го постигна и единствениот гол во финалето на Копа дел Реј против Барселона.
 
Србинот остана запаметен во историјата на Атлетико не само по заслугите за двојната круна, туку и по гестот на една жена кој подоцна стана традиција.
 
На 28. јануари 1996. година, редовната навивачка на Атлетико, Маргарите Луенго со пријателките седела во бар, во близина на стадионот, своевиден ритуал пред секој меч. Оддеднаш видела пред прозорот стои огромен букет со ружи.
„Пријателе, дај ми четири цвета, денес толку ќе му дадеме на Билбао“. Присутните аплаудирале и заурлале, а цвеќарот веднаш извадил неколку вазни со каранфили. После секој гол, фрлав цвеќе на теренот. Победивме 4-1, така што ги фрлив сите цвеќиња. Два од головите паднаа после корнерите на Пантиќ, така што каранфилите ги фрлав кај корнер знаменцето“, раскажува Маргарита.

Кога се спремал да изведе корнер Пантиќ одвреме-навреме несвесно ги тргнувал каранфилите на страна. Тогаш Маргарита решила на парче лист да напише мала порака („Не ги фрлај каранфилите, за тебе се") и му го дала на играчот преку некој од вработените во Атлетико.

Кога го добил парчето лист, фудбалерот бил пријатно изненаден и го барал телефонот од навивачката. Неколку дена подоцна ѝ се јавил и ѝ се извинил за тоа што ги фрлал настрана каранфилите. На следниот домашен меч на Црвено-белите, на Маргарита ѝ го подарил дресот.

„Пантиќ, не е само голем играч кој изведуваше корнери и даваше евроголови, туку е и прекрасен човек. Во животот запознав малку луѓе со така силни морални вредности", рекла Маргарита во едно интервју.

Од тогаш, на секоја домашна средба на Атлетико Мадрид кај корнер знаменцето има букет од 24 каранфили - 12 црвени и 12 бели, боите на клубот. Оваа традиција наскоро ќе наполни 20 години. Маргарита веќе одамна не мора да ги фрла од горе, туку со почит влегува на теренот и ритуално ги става цвеќињата.

Каранфилите секогаш се во аголот и имаат посебно значење на Висенте Калдерон. Кога еднаш Роберто Карлос нервозно го шутнал букетот, трибините бурно реагирале и го исвиркале како никој никогаш, поради што Бразилецот морал да ја крене раката во знак на извинување. Против Севиља исто така избиле нереди затоа што некој фудбалер на гостите го шутирал цвеќето.

Маргарита со сопругот Диони ја газат седмата деценија од животот и од историскиот успех на клубот во сезоната 1995/1996 година носи редовни каранфили во чест на Милинко Пантиќ и неговиот фамозен корнер. Иако цвеќето се вози повеќе од 100 километри пред секој натпревар, затоа што толку е оддалечено нејзиното место Талавера де ла Реина од Мадрид.

„Макар десет пати ѝ реков дека нема потреба да го прави тоа, затоа што годишно Атлетико игра околу 30 натпревари на домашен терен и досега донела сигурно преку 500 букети, но секогаш ми одговара: Милинко, јас ќе го носам цвеќето додека сум жива".

Во меѓувреме, претседателот Хесус Хил почина, Радомир Антиќ замина да ја води Барселона, а денес е тренер во кинескиот клуб Хебеи. Јунакот на приказнава, Милинко Пантиќ играше во Ле Авр, кратко настапуваше повторно во Паниониос и во 2011. година стана тренер на младинските категории на Атлетико Мадрид, а 24 свежи каранфили и натаму секој натпревар го красат теренот на шпанскиот клуб.

Историската двојна круна на Атлетико Мадрид: