По 19 одиграни кола Борусија Дортмунд има 16 бодови и се наоѓа на дното на табелата со 4 победи, 4 нерешени и 11 порази. Ако на навивач на „Милионерите“ ова сценарио му го кажевте летоска по освојувањето на Супер купот против Баерн Минхен сигурно ќе ви се смеел.
Но ако тој муабет тогаш ќе изгледаше како виц, сега е реален. Борусија се бори за опстанок и се наоѓа во една од најголемите кризи во последните години. Како дојдоа до тоа дереџе?
Во напад фали Левандовски
Ако се погледнат бројките, 18 постигнати голови на 19 меча во домашното првенство, тоа значи дека тимот има големи проблеми со реализацијата. Борусија под водство на Клоп никогаш немала толку слаб напад, а најголемата вина лежи во продажбата на Роберт Левандовски во Баерн Минхен. Минатата сезона тој постигна 20 погодоци, беше неприкосновен пред голот, им правеше простор и на соиграчите, а заедно со Ројс беа главни играчи во екипата.
Обидот неговото место да се пополни со Имобиле и Рамос, не се покажа како најдобро решение. Италијанскиот напаѓач во Бундеслигата има постигнато само 3 голови и повеќе игра како полунапаѓач кој се труди да изгради простор. Неговиот партнер кој дојде од Херта Берлин не е расен стрелец како што е полскиот напаѓач. Освен засилувањата, сезонава под нивото се и Ројс и Мхитаријан, кои имаа и повреди, како и Обемајонг и Кагава кој немаат континуитет.
Левандовски и неговите 103 голови за Борусија Дортмунд
Многу грешки во одбрана
Не даваат многу голови, а не примаат ниту премногу (27), но многу од нив се по направени чисти грешки. Од 11 порази, Борусија само од Мајнц и Ајнтрахт загуби со повеќе од еден гол разлика. Често пати таа минимална разлика во голови се должи на индивидуални грешки или невнимание кога противникот прави контра напад. Тоа се случи и на дуелот против Баер Леверкузен кога Карим Баларби им го даде најбрзиот гол во историјата на Бундеслигата по само 9 секунди игра.
Повредени играчи и загубена самодоверба
Покрај лошата форма на играчи, Јирген Клоп сезоната има многу проблеми и со повреди. Надвор од теренот истовремено се случуваше да бидат Сахин, Гундоган, Мхитаријан и Ројс (кој беше надвор повеќе од два месеци поради повредата против Падерборн). Тоа се клучни играчи на тимот кои не успеаа да ја најдат вистинската физичка форма и да влезат во ритам. Со слабите резултати, фудбалерите ја загубија и самодовербата и не успеваат да ги извршат задачите кои им ги дава тренерот.
Втора шанса
На 16 кола до крајот на домашното првенство, Милионерите паралелно со бркањето опстанок, шанса за да се извадат од оваа лузерска година ќе имаат во Лигата на шампионите каде им оди добро. Овој месец тие ќе играат осминафинале против Јувентус.