Второлигаш го освои норвешкиот куп

Екипата на Ход која едвај се спаси од испаѓање во трета лига, во финалето на норвешкиот куп го победи Тромсо и следната сезона ќе ја претставува оваа земја во Лига Европа.

Сезоната во Норвешка стартува во април и минатиот викенд завршија првенствените натпревари, а со финалето на купот овој викенд завршија сите возбудувања во норвешкиот фудбал за оваа сезона.

По 30 одиграни кола во втората лига, екипата на Ход заврши на 12-та позиција со ист број на поени како и Тромсдален на 13-та позција која води во трета лига, но Ход опстана благодарение на подобра гол разлика од само два гола.

Фудбалерите на Ход приредија големо изненадување со пласманот во финалето на норвешкиот куп и сите очекуваа лесна и висока победа на екипата на Тромсо која оваа сезона заврши на 4-та позиција во првата лига. Но таму се случи уште поголемо изненадување.

Голманот Ниланд беше херој на малиот тим кој доаѓа од градче со 5.000 жители и игра на стадион со капацитет од 3.000 гледачи. Тој успеа да одбрани многу удари кон неговиот гол, а дури Ход имаше и водство од 62-та минута, но Тромсо успеа да израмни на три минути пред крајот.

Во пенал серијата Ниланд одбрани еден пенал, а фудбалерите на Тромсо промашија уште еден, па второлигашот кој едвај се спаси од испаѓање во трета лига триумфираше во норвешкиот куп и следната сезона ќе настапува во Лига европа.

26 ноември 2012 - 09:33