Од неговите почетоци како играч во Саламанка, до денес помина речиси половина век. Во кариерата, со Реал Мадрид освои неверојатни 16 титули (9 како играч, 7 како тренер), неговата екипа беше модел на фудбалска уметност, а неговата репрезентација цели пет години немаше пораз.
Кога се листа неговата тетратка, човек ќе се сети на Зидан против Леверкузен, нереалните одбрани на Касиљас, голот на Иниеста во Јужна Африка, расправијата со Фабрегас во Бразил и многу, многу други нешта.
Иако со 17 години го привлекол вниманието на дон Сантијаго Бернабеу, својата прва титула со Реал Мадрид, Висенте ја освоил од далеку, како позајмен играч во Кордоба со која ја победил Барселона 1:0 во сезоната 197/1972 и на Реал му ја донел титулата. „Кралскиот тим" одново го позајмува во Кастељон и Кордоба.
Веќе од 1973 до 1980 година станува незаменлив првотимец на Реал за кого легендарниот Сантиљана ќе каже дека „Висенте е еден од најпаметните фудбалери на светот кој секогаш може со топката да ве најде и да ве погоди во слепоочницата". Не случајно во соблекувална го викале правиот капитен на Мадрид.
Од младинците до првиот тим и назад го селеле повеќе пати отколку што Марк Твен го пропатувал светот.. Неговата тренерска слава во Реал Мадрид се одвиваше во два мандати, од 1995, па потоа од 1999 до 2003-та. Во тандем со Флорентино Перес кој ги купуваше најдобрите играчи а Висенте од нив направи една целина освојуваа Лига на шампиони, титула во Примера, повторно Лига на шампиони, па одново првенството. На „Белиот театар" како што го викаа во тоа време стадионот Сантијаго Бернабеу играа мастер-класи како Зидан, Фиго, Роналдо, Хосе Мариа Гутиерес, Роберто Карлос, Макелеле, Јеро, Елгера, Мориентес, Стив Мекманаман.
Таа генерација беше можеби најдобра во историјата на Реал Мадрид. Сите играчи кои работеле со него велат дека биле „иста крвна група".
Во еден тим со толку „галактикоси" не може да нема проблеми. Роналдо, на пример, во првата сезона во Мадрид не се обиде да му ја загрози 9-та на Мориентес, но не можеше да крие незадоволство кога го вадеа на 5 минути пред крајот. Имаше многу личности, а секоја сакаше да биде главна. Дел Боске успеа од нив да направи тим.
Поради тоа изненади фразата на спортскиот директор Хорхе Валдано: „Благодарни сме му на Дел Боске за се што направи, но клубот одлучи да тргне по друг развоен пат, да биде модерен". И станаа „модерни": Карлош Кеирош дојде на барање на Перес и не направи ништо. Следуваше Валереј Луксембурго, па Капело, па Бернд Шустер, па Пелегрини. Перес не успеа да ги сочува Холанѓаните Робен, Ван дер Варт и Снајдер кои брзо заминаа иако важеа за најталентирани фудбалери во Реал.
Дон Флорентино со години го сонуваше Арсен Венгер, но на крајот спортскиот директор Валдано се договори со тренерот на Виљареал со кој во клубот завладеа анархија. Клубот го избрка Раул, икона на клубот, потоа го провоцираа и го истераа Икер Касиљас кој беше деградиран од Мурињо.
За тоа време Дел Боске го комплетираше фудбалскиот Гренд Слем - домашно првенство, Лига на шампиони, Европски првак, Светски првак со Шпанија.
„Секако дека бев вознемирен кога ме отпуштија од Реал, иако не чувствувам дека клубот ми должи нешто. Овој клуб за мене бил и ќе биде се. Постоеше неправда, ги знам причините, но ќе ги чувам во себе“, изјави тогаш Дел Боске и потврди дека цел живот е верен војник на Кралскиот клуб.
Тренерската работа не секогаш била главна во животот на Дел Боске. Болните порази не се ништо во споредба со она што му се случува во семејството каде син му Алваро пати од Даунов синдром.
„Сите во животот сме правеле грешни работи, а мене Бог ми го даде Алваро за да сфатам некои работи. Тие се љубезни и чесни деца кои се дојдени да нè направат нас подобри луѓе. До моментот кога се роди јас веќе имав многу победи, а потоа станав успешен тренер, благодарение на син ми. Болеста не учи на трпение и понизност. Имам прекрасен однос со него, а единствено нешто за што го искарав е кога му заѕвони на Чави додека тренираше. Тој му е омилен фудбалер на Алваро и само него има смелост да му се јави лично и да го праша како е. Благодарение на син ми, комуницирам со луѓе од други светови. Тие не се болни, и од нив може многу да научиме: тие немаат непријатели и се е просто и искрено", вели Дел Боске за децата кои патат од Даунов синдром.", изјави Дел Боске во една прилика.
Во кариерата дон Висенте Дел Боске се раководеше со повеќе принципи:
Колектив
Праведност
Етика
Послушност
Уважување
Одговорност
Работа
Доследност
Желба за успех
Фамилијарност
Желба за победа и способност да се прифати поразот
Смирение
Отказ од радикализам
Тој е најзаслужен што горди репрезентативци на Шпанија станаа: Ираиола, Љоренте, Диего Капел, Серхио Бускец, Хесус Навас, Диего Лопез, Жерар Пике, Жорди Алба, Педро, Пабло Ернандес, Борха Валеро, Бруно, Начо Монреал, Виктор Валдес, Алваро Негредо, Хуан Мата, Хави Мартинез, Тиаго, Ману, Адуриз, Хуанфран, Бењат, Икер Муниан, Хави Гарсија, Алваро Домингез, Маркел Сусаета, Коке, Марк Бартра, Иско, Цезар Азпиликуета, Алберто Морено, Кристијан Тељо, Диего Коста, Давид де Хеа, фудбалери кои дебитираа под негово водство.
Како тренер на Реал Мадрид и селектор на Шпанија, Висенте Дел Боске има освоено: Две титули во Ла Лига, 1 шпански Супер Куп, 2 титули во Лига на шампиони, 1 титула во УЕФА Супер Куп и 1 Интерконтинентален Куп, Мундијало 2010 и ЕП 2012.
На 30. јуни годинава, Дел Боске и официјално ја заврши својата тренерска кариера. На негово место дојде Жулиен Лопетеги кој е поставен за селектор на Шпанија.