„Фудбалот е игра, нема тука некоја магија, ниту посебен ритуал. За секој натпревар се спремаме на ист начин. Тренерот ја поставува играта, ги дели задачите, ние излегуваме на терен и ја вршиме нашата работа од прва минута. Свесни сме за едно нешто - во нашата екипа не постои ѕвезда која може да реши голем број натпревари, а останатите да бидат во негова сенка. Сите ние стоиме во сенка на тимот“, објаснува капитенот на Вардар, Бобан Грнчаров.
Од една страна свесни сме дека градиме нешто ново, растеме како клуб и растеме како екипа чекор по чекор. Костурот на овој тим е скоро три години заедно. Бевме блиску минатата сезона да го елиминираме Динамо Загреб, претходно нѝ се извлече АПОЕЛ и сето тоа го поминавме заедно. Од друга страна, тука има неколку искусни играчи кои ги прават младите подобри. Затоа денеска не ја губиме главата. Не постои лоша атмосфера во екипата што и да се случи“, ја нагласува Грнчаров важноста на тимскиот дух.
„Новиот тренер кој е тука десетина дена, многу добро го разбира фудбалот. За тоа кусо време тој убаво ги подели улогите и во ниту еден момент не се обидуваме да се испружиме повеќе од што сме долги. На првиот меч против Фенербахче им дадовме да владеат со топка, но не бевме задоволни за време на натпреварот. На крајот имавме и малку среќа. Во Истанбул затоа бевме многу подобар ривал. Повторно им ја препуштивме иницијативата, но со поседот на топка не успеаа да направат многу, ниту посебно да ни се заканат. Ние од друга страна бевме многу храбри и заслужено отидовме понатаму“, потврдува капитенот на Вардар дека приказната за статистиката е како бикини, ако знаеш во што треба да гледаш.
Сепак за да не биде сè совршено, се случи во Копенхаген и 20 минути промени во улогите. Македонскиот претставник имаше резултат кој го носи понатаму, а противникот на терен остана со играч помалку. Немаше место за скромност, се очекуваше последниот удар, но...
„Никој од нас не може да објасни што се случи. Имавме сè во свои раце, прв пат малку се опуштивме, а истовремено се исплашивме и примивме уште два гола. Најважно е дека таквата слабост не ни се повтори и дека влеговме во групната фаза во Европа. Се работи за историја на македонскиот фудбал“, вели Грнчаров.
Македонија според коефициентот е позиционирата на 37-то место на листата на УЕФА, а во европските натпреварувања има ист број претставници како 16-то пласираната Хрватска или за едно место послаба од Данска.
Вардар во Лига Европа ќе игра во групата Л со руски Зенит, шпански Реал Сосиедад и норвешки Розенборг. Македонскиот шампион и понатаму останува на својот став - едноставно во складот на своите можности до добар резултат.
„Никој не нè победи во Скопје и тоа тешко дека ќе се случи. Примивме еден гол на три меча и веруваме дека преку играта можеме да ја оствариме целта против сите тие ривали. Не постои име и презиме на фудбалер. Ни Шкртел, ни Ван Перси. Само три, четири тима во светот имаат екстра квалитет на кој не може да му се парира. Сите останати се блиску и сè е до пристапот. Нас очигледно скандинавски стил на фудбал ни лежи и мислам дека најголем проблем ќе имаме со Зенит. Јас играв пет години во Украина и често се среќавав со руски клубови. Од тогаш доживеаа експанзија па сега пак се во мал пад, а веќе во првото соочување со нив во Скопје, ќе се обидеме тоа и да го покажеме“, заклучува Бобан Грнчаров за Спорт Клуб.
На Вардар ова лето му пораснаа крила, но нема потреба да ползи. Приземјувањето не може да биде болно ако стоите сврсто на нозе. Не сте „ништо“, ако сте свесни кои сте. Тоа е само предуслов да постигнете нешто, бидејќи Германците не знаат баш сè за поезијата и фудбалот.