Ждребот во Нион не му донесе среќа на најтрофејниот македонски клуб кој за противник во квалификациите од Лигата на шампионите ја доби Стеауа Букурешт кој минатата сезона стигна до осминафиналето од Лигата на Европа каде со вкупен резултат од 3:2 беше елиминиран од Челси.
За актуелниот првак на Романија настапува македонскиот репрезентативец Даниел Георгиевски, а инаку се работи за екипа која е најтрофејна во романското првенство со 24 титули, но и европска круна во 1986 година.
Останатите можни противници на Вардар беа Марибор (Словенија), Шериф (Молдавија), Нефчи (Азербејџан) и Плзен (Чешка). Сите овие екипи беа дел од Лигата на шампионите и Лигата на Европа, но можеби „Црвено црните" најмногу ќе се радуваа доколку за противник им се паднеше Нефчи каде настапува Игор Митревски или тимот на Шериф.
Првиот меч ќе се игра на 16 или 17 јули во Букурешт, а реваншот ќе биде закажан за 23 или 24 јули во Скопје.