Не стивнуваат реакциите за одличниот настап на младиот Французин на вчерашното Ел Класико во шпанскиот куп. Вообичаено главната улога на дуелите помеѓу Реал Мадрид и Барселона ја имаат Роналдо или Меси, но на последното Ел Класико шоуто го украде 19-годишниот дефанзивец Рафаел Варан.
Младиот фудбалер за прв пат се најде на едно дерби уште од првата минута по повредата на Пепе и суспензијата на Рамос и не го разочара Мурињо.
И не само што не разочара, туку и воодушеви. Во првиот дел го блокираше обидот на Чави, во второто полувреме имаше клучни интервенции пред Фабрегас и Меси, а во 81-та минута го постигна и единствениот гол за Реал Мадрид.
Кога тој пристигна во Мадрид за 10 милиони евра, многумина се сомневаа во неговата иднина, а некои дури и коментираа дека овој трансфер е направен само колку да се задоволи Зинедин Зидан и да го залажат дека го земаат во предвид и неговото мислење.
Но Мурињо веруваше во него, а Варан на најдобар можен начин со своите одлични игри му се заблагодарува секогаш кога ќе добие шанса.
Варан е првиот и единствен фудбалер кој Зинедин Зидан го доведе во Реал Мадрид. За него беа заинтересирани сите европски фудбалски гиганти, но тој реши да го следи својот идол и му докажа на Зидан дека не згреши. А не згреши ниту претседателот на Ленс кој кога Варан во 2011-та преминуваше во Реал Мадрид изјави: „Некои мислат дека Варан нема да игра, но верувајте ми, тој нема да оди во Мадрид за да ги молерисува соблекувалните".