Варан ја сопре Барселона

По интересен натпревар исполнет со голем број шанси на двете страни, Реал Мадрид И Барселона одиграа 1:1 на првиот полуфинален натпревар од шпанскиот куп. Барселона имаше шанси да го нокаутира Реал, но домаќините во финишот израмнија преку Варан.

Во првиот дел се редеа шанси на двете страни, но по првите 45 минути мрежите мируваа. Реал Мадрид ја имаше иницијативата, но Барса имаше посериозни шанси. Најблиску до постигнување гол беше Чави кој во 21-та минута од слободен удар ја погоди пречката.

Само 5 минути по стартот на второто полувреме Барселона водеше со 0:1. Меси пресече една топка и на прва го проигра Фабрегас кој без проблеми го матираше немоќниот Лопез.

Во 60-та минута огромна шанса за израмнување имаше Кристијано Роналдо по нафрлањето на Есиен од десната страна, но Португалецот на втората статива со глава биеше крај голот.

Шанса да го реши натпреварот имаше Педро во 72-та минута кој по контра напад изби сам пред голот на Реал, но топката отиде неколку сантиметри крај стативата.

Казната дојде во 81-та минута преку Варан кој по нафрлувањето на Озил со глава ја смести топката во мрежата на Пинто.

На 2 минути до крајот Жорди Алба можеше да и ја донесе победата на Барселона, но новиот голман на Реал, Диего Лопез одлично реагираше и го сочува својот гол за конечни 1:1.

Реваншот во Барселона ќе се одигра на 27 февруари. Во другото полуфинале од шпанскиот куп се среќаваат Атлетико Мадрид и Севиља.

30 јануари 2013 - 23:04