„Сигурни сте дека овој е изборот за нов тренер?“, промрморел Монтеро кој подоцна ќе стане командант на одбраната во сино-црниот дрес.
Во Италија му требале три месеци да ја совлада граматиката, но и без тоа го разбирал фудбалскиот јазик. Во Бергамо пристигнува заедно со мајка му, татко му, брат му Марчело и сестрата Монсерат. Но и покрај тоа често во стомакот го јадела носталгија за Монтевидео.
„Ми фалат другарите, плажата во Пунта Каретас и моите баби кои готват најубаво на свет и готват по цел ден", изјавил Монтеро во првите репортажи за него.
Татко му станал медицински помошник во Милано, а продавал и кифли и газирани пијалаци колку да го пополни времето на присуство во Италија. За тоа време 19-годишниот Паоло се инаети со новиот тренер на Аталанта, искусниот Марчело Липи зошто да игра лев бек, а не класично либеро.
Во Бергамо за кратко се наоѓа со аргентинскиот крал на кокаинските ноќи, Клаудио Каниџа кој во Аталанта дојде од Верона. Наскоро тренер на Аталанта станува мудрецот Марчело Липи.
Додека го учи италијанското катеначо од Липи, Монтеро го учи и италијанскиот јазик од Каниџа кој му бил преведувач. Од клубот Уругваецот наскоро добива и црвена Алфа 75-ка, кола со која прват кога ќе се враќа сам од тренинг ќе ја згреши улицата и ќе направи беља.
На сообраќајните полицајци им докажувал дека е играч на Аталанта, но не му верувале и му барале документи. Не можеле да се разберат, по што на крајот завршува во станица. А таму? Таму побарал да му ја пуштат омилената песна од Ролинг Стоунс. „За филм со Дастин Хофман нема да има време", лежерно зборувал Монтеро со полицајците, свесен дека наскоро претседателот Прекаси брзо ќе го извади од полиција.
Идол на Паоло Монтеро во тоа време бил Хуго де Леон, крвав уругвајски дефанзивец кој играл на Светското во Италија '90-та. По четири долги години во Аталанта каде испадна од Серија А па се врати и играше во финалето на Копа Италија (загубено од Фиорентина), Паоло Монтеро добива повик од Торино. На телефон Марчело Липи кој и покрај негодувањата од навивачите решава да го донесе уругвајскиот фајтер во тимот.
Натписите во весниците блиски до Јувентус биле одбележани со коментари дека Паоло Монтеро не е играч за Јувентус, а самиот играч еден ден оди на средба со навивачите на клубот и отворено им кажува дека не се тие луѓето кои ќе одлучуваат кој ќе игра, а кој не.
Во 1996-та, првата година во Јувентус го освојува Супер Купот на УЕФА, Интерконтиненталниот Куп и скудетото. Три трофеи кои не го сокрија неговиот незгоден карактер на теренот каде на дуелот против Виченца физички го нападнал клупскиот фотограф на противникот. Фотографот решил да го тужи, а Монтеро се бранел дека тоа го направил за да го одбрани својот соиграч Анџело Ди Ливио.
Една од најпознатите епизоди му беше онаа во осминафиналето на Купот на УЕФА против Селта во Виго кога со лакт силно го удри Валери Карпин и доби црвен картон, а при излегување од теренот им покажа среден прст на шпанските навивачи. Во кариерата во Италија доби вкупно 21 црвен картон од кои 16 во Серија А по што ден денес е рекордер.
„Го гледав како терорист за напаѓачите. Се тргаа на друга страна ако го видеа него до нив. Неговото размислување беше дека првиот старт мора да биде страшно груб за противникот да сфати со кого има работа. Често ги пцуеше противниците, ги полудуваше", изјави еднаш Давид Трезеге, кој на тренинзите доволно страдал од Паоло Монтеро.
Годините во Јувентус на Монтеро се полни со анегдоти. По епизодата од 3. декември 2000-та година кога му удрил тупаница на Луиџи Ди Бјаџо против Интер и го казнија три меча, му се јавил Адвокатот Ањели.
„Ми кажа: Паоло, не ми се допадна како се однесуваше, а јас се преплашив што ќе биде. Паоло, не ми се допаѓа како го удри, требаше посилно да го чукнеш за да падне на земја", му рекол Ањели со кој Монтеро стекнува добар однос и покрај тоа што на стартот го опцул по телефон откако Адвокатот му се јавил едно утро во 6 часот.
Сите соиграчи и тренери со кои играл Паоло Монтеро, за него зборуваа дека бил беспоштеден борец и голем другар, човек кој одел прв да се соочи со навивачите после тешките порази и кој прв скокал во дискотека за да ги одбрани соиграчите. Се пензионираше на 35 години во родниот клуб Пењарол во 2007. година, а денес работи како фудбалски менаџер на младите јужно-американски таленти.