Минатата недела унијата на професионални фудбалери, ФИФПро достави официјално барање за бришење на жолтите картони на фудбалерите пред финалето на Лигата на шампиони, но денес челниците на УЕФА потврдија дека тоа нема да се случи. Промена на правилото за суспензија нема да има пред 2015-та година.
Еден од аргументите за бришењето на жолтите картони е што такво правило веќе постои на големо европско натпреварување. Претходно заработените жолти картони на Европското првенство кое ќе се одржи во Полска и Украина ќе бидат избришани по четврт-финалето.
На финалето на Лигата на шампиони кое ќе се одржи на 19 мај во Минхен, Челси ќе игра без суспендираните Рамиреш, Бранислав Ивановиќ и Раул Меирелеш, а Баерн Минхен нема да може да смета на Луиз Густаво, Давид Алаба и Холгер Бадштубер. Челси исто така нема да може да смета и на капитенот Џон Тери кој заработи црвен картон на полуфиналниот реванш натпревар против Барселона.