На дисплејот од телефонот на Иве Тричковски деновиве се појавиле многу броеви од странство со предзнак +7-495...
Го барале руските новинари од Москва, но не за некои гласини за трансфер, туку да му ги пренесат поздравите од навивачите на Спартак Москва според кои Иве е најзаслужен за титулата која еуфорично ја прославија деновиве. Зошто баш Македонец кој игра на Кипар е заслужен за пехарот на рускиот шампион?
На 4-ти август кипарскиот АЕК Ларнака за кој игра нашиот репрезентативец отпатува во Москва на реванш од 3. квалификациско коло на Лига Европа. Првиот меч на Кипар заврши 1-1 и Русите на својот новоотворен стадион беа голем фаворит за пласман понатаму.
Во еден тврд натпревар без многу шанси на двете страни (типично за Руси и Кипарци), сосема неочекувано во 89’ минута Тричковски вешто избега на одбраната и мајсторски ја смести топката во голот на Ребров за голема радост на Кипарците кои се пласираа во следната рунда.
Тоа беше воедно прв и последен натпревар сезонава на Спартак во Европа на ултра-луксузниот стадион „Откритие Арена“. За иронијата да биде поголема, Спартак по тоа испаѓање ја одигра најдобрата сезона од 2001-ва и после цели 16 години во неделата стана шампион на Русија! Под водство на Масимо Карера, некогашниот тренер на Јувентус и помошник на Конте.
Судбината сакаше лани АЕК Ларнака откако го мина Спартак да испадне од Слован Братислава.
Денес, тимот на нашиот Иван Тричковски се бори за титулата на Кипар: Иако, на две кола до крајот на првенството заостануваат четири бода зад АПОЕЛ, клубот во кој Иве ги доживеа најубавите моменти во кариерата и стигна до четвртфиналето на Лига на шампиони.
ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕМЕ ЗА АЕК ЛАРНАКА?
Најпрвин е важно да не го мешате со другиот кипарски клуб АЕЛ (ова важи за кладилничарите), со шведскиот АИК и со грчкиот АЕК од Атина. На клупскиот грб е нацртан адмирал Кимон кој загинал во одбрана на древниот град Ларнака од Персијците.
Последниот трофеј на АЕК Ларнака дошол пред многу време, поточно во 2004-та кога го освоиле Купот на Кипар. После долг период монопол врз трофеите од страна на АПОЕЛ Никозија, АЕК во последно време сериозно се бори за врвот. Во последните две сезони АЕК завршивал на второто место, но во групна фаза од Лига Европа играл во 2011-та година. Денес тимот на некогашното дете на Вардар е најмладиот и најамбициозниот клуб на Кипар.
АЕК не е многу стар клуб. Основан е во 1994 година благодарение на два месни клуба, а три години по основањето играл со Барселона во 1/16 финалето на Куп на Купови.
„АЕК нема многу шанси да биде прв, затоа како втори сигурно одат во второто квалификациско коло од Лига Европа. Сезонава АЕК загуби важни бодови од послаби екипи, имаше неколку повредени играчи а во јануари замина најдобриот стрелец од минатата сезона Андре Алвес“, вели Микаел Пападакис, спортски новинар од Никозија.
НАЈШПАНСКИ КЛУБ ВО ЕВРОПА
Необично е што веќе неколку сезони АЕК Ларнака е клуб каде фудбалерите, стручниот штаб, персоналот и спортскиот директор во основа зборуваат шпански јазик.
Денес во стартниот состав имаат седум Шпанци и тоа е за два пати повеќе отколку Реал и Барса.
Прв Шпанец кој го „фрли сидрото“ во АЕК е спортскиот директор Хави Рока кој до 16 години тренирал во системот на Барселона а до 21 година играл за младинските репрезентации на Шпанија. Но до прв тим не стигнал поради железниот бек Алберт Ферер кој беше незаменлив. За сениорите на Барса одиграл само еден неофицијален меч, а подоцна се преселил во Виљареал (81 меч), и во Еспањол со кој играл во втората лига.
Почетокот на колонијализмот во клубот започнал во 2014 година, кога Рока донел во АЕК пет шпански фудбалери (на пример Хуанма Ортис од Гранада). Денес АЕК е полн со Шпанци, па на тренинзите често се слуша Vamos! Тренер на клубот е Иманол Идјакез, Баскиец од Сан Себастијан. Негов помошник е Антонио Мориљо а кондиционен тренер е Серхио Дорадо Кабељо.
„Во целост се интегриравме во кипарскиот фудбал, многу наши фудбалери веќе долго играат овде. Вистина е, ние имаме повеќе Шпанци од екипи од Примера или Сегунда, но тоа е реалноста на глобализацијата која го опфати и фудбалот“, вели Хави Рока.
На пример за време на минатогодишниот меч АЕК - Анортозис на теренот имало дури 13 Шпанци! Осум од нив биле во составот на АЕК, а на претпоследното дерби против АПОЕЛ, за АЕК играле само двајца Кипарци: голманот Антонис Георгалидес и натурализираниот Французин Венсан Лабан.
Од 2015-та до 2017-та дури 9 Кипарци го напуштиле АЕК, но таму нема лимит на странски играчи. Федерацијата вовела симболична казна од 1.500 евра за клубовите кои во тимот немаат тројца играчи од својата академија.
„Кипар е најубавото место за живот со семејство и таму се игра убав фудбал. Ја одбрав Никозија затоа што е еден од петте најмирни и најбезопасни градови на светот, а клубот игра во европкупови. Такви услови не сум имал ниту во Аргентина“, вели некогашниот најталентиран аргентински напаѓач Фернандо Кавенаги кој последната полусезона од кариерата ја одигра во АПОЕЛ.
ИВАН ТРИЧКОВСКИ
Ниту еден фудбалер на АЕК не вреди повеќе од 1 милион евра, а најскап е Македонецот Тричковски чија вредност се проценува на 900.000 евра. Иве е еден од најсаканите странски фудбалери кои играле на Кипар. А играле мал милион.
„Иван е еден од најдобрите напаѓачи во нашето првенство кој и покрај повредата на средината од сезоната постигна 14 гола. Вистина е и дека поради суспензијата од 5 меча (два автоматски, три казна од сојузот) за неспортското однесување против Аполон, Иван се врати дури за мечот против својот поранешен клуб АПОЕЛ кога дербито заврши 0:0. Математички уште имаат шанси за титулата на две кола пред крајот“, вели Андреас Одисеос, спортски новинар од Ларнака.
Триумфот над Спартак Москва не е најголем во клупската историја на АЕК Ларнака. Во 2011-та АЕК го совладал Розенборг и се пробил во групната фаза на Лига Европа.
Победата над Спартак малку се спомнува во Ларнака каде настан на годината била изградбата на новиот стадион и борбата за титулата. Но во Москва се споменува и тоа како...
„До мечот со Спартак знаев дека е голем клуб, еден од најголемите во Русија со неверојатни навивачи, одлични фудбалери и голем буџет. Руската лига е тешка и не е лесно да се освои титула таму. За мене лично и за мојата екипа беше голем мотив да играме со таков противник. Атмосферата на стадионот во Москва беше прекрасна, јас дадов гол и победивме. Да исфрлиш таква екипа од еврокуповите е неверојатно. Повеќе се радував за нашиот пласман отколку за голот. Се надевам дека ќе се сретнеме пак, овојпат во Лигата на шампионите“, изјавил Иван Тричковски за рускиот rsport.ru