Турскиот селектор добил отказ зошто правел рушвајс во кафана

Турската фудбалска федерација се обиде дипломатски да го изглади конфликтот кој го направил селекторот Фатих Терим, но тамошните медиуми стигнале до сапуницата во која главен лик бил токму тој.

На 38 дена до гостувањето на Турција во Киев каде ќе игра во квалификациите за Светско 2018 против Украина, Турската фудбалска федерација реши да му врачи отказ на селекторот Фатих Терим (63), кој во оваа земја има статус на боженство.

Објавата за отказот стигна вчера, во средата а во соопштението стоеше дека спогодбено се разделуваат и си посакуваат среќа во понатамошната работа. Ова стигна од федерацијата по средбата на Терим со претседателот на сојузот Јилдирим Демирен.

Но тоа било само претстава за јавноста затоа што турските истражувачки новинари откриле неверојатни сознанија којшто го прават Терим уличен разбојник.

Терим кој неодамна го гледавме во Скопје на пријателската Македонија - Турција (и тука во тунелот на стадионот направил мал екцес), наводно собрал 4-5 луѓе од своето обезбедување и отпатувал за Алакати, градче близу до Измир, на Медитеранот и таму претепал еден сопственик на ресторан и персоналот во него.

Сведоци раскажувале дека летале тупаници, клоци, пепелници, столици и маци а пет лица побарале помош во болница. Терим веднаш по тепачката итро и скришно заминал од локалот.

Целиот метеж настанал откако му се јавувала ќерка му и неговиот зет Ахмет Четин којшто имаат ресторан веднаш до ресторанот на нападнатиот Салехетин Ајдогду. Турските медиуми тврдат дека Ајдогду кренал висок ѕид со кој го заградил ресторанот на ќерката на Фатих Терим и зетот чиишто жалби градските власти не ги слушале.

Фатих Терим по повиците за помош од ќерка му решил да ги заврати ракавите па прво телефонски му се заканувал на Ајдогду. Откако овој немал намера да прекине да гради, Терим тргнал во градчето Алакати каде направил рушвајс.

Неколку дена подоцна се правдал дека тој е глава на семејството и дека морал да го заштити своето дете и дека е тоа обврска втемелена на турската традиција.

На крајот Ајдогду му поднел тужба и го пријавил, а турскиот сојуз му напишал отказ. Човекот по кој се крстени два стадиони, дваесетина улици и училишта низ Турција и човекот кој на Галатасарај му донесе Куп на УЕФА а на Турција полуфинале на Европско првенство 2008 сега се соочува со судски рочишта и евентуална казна.

За негов наследник турските медиуми го предложуваат Шенол Ѓунеш, творецот на најголемиот успех на Турција - 3. место на Светско првенство 2002 и тренер кој доминира во турската лига веќе две години по ред.