Јули 2016, осминафинале на Европско. Сигурдсон и Сигторсон одговорија на голот на Руни, Англија изгуби од Исланд, а Рој Хоџсон даде оставка. Сите мислеа дека тука е крајот на вековната кариера.
Но пројдоа 14 месеци... Кристал Палас очајно ја почна новата сезона (нула бодови и исто толку голови во првите 4 кола), го избрка де Бур и му се обрати на Хоџсон. Рој одново е во игра.
Лондонскиот крај Кројдон не видел многу такви убави враќања. Овој реон има скрнавена репутација па не му се воодушевувал ниту славниот Дејвид Боуви: „Тој изразува се она што не сум сакал од животот, се она од што сум сакал да побегнам. Мислам дека е понижувачки кога некому ќе кажам: „Да, доаѓам од ебениот Кројдон!“
Подоцна весникот Croydon Advertiser му посветил необичен некролог на идолот на британската музичка сцена: „На Дејвид Боуви кој некогаш живееше во Кројдон и го мразеше со цела душа, но сега мора да му оддадеме почест на големиот музичар“.
Овде, во предградието на Лондон, во средината на ’60-те години е изграден „Селхерст Парк“, стадионот на Кристал Палас. На него често одел Рој Хоџсон, синот на локален автобуски возач. Идниот селектор на четири репрезентации и тренер на голем број клубови, освен неколку настапи за младинците, немал завидна кариера и тргнал по поинаков фудбалски пат. И по 51 година се враќа таму од каде што почна.
Хоџсон не можел да го одбие повикот на тимот од родниот крај кој го отпушти Холанѓанецот Франк де Бур од Кристал Палас после само 77 дена што стана негативен рекорд во Премиер лигата. Со Де Бур Палас стана единствениот тим во првите четири англиски дивизии кој не дал гол четири кола.
Стариот добар Рој стана највозрасниот менаџер во историјата на Премиер лига (70 години и 34 дена) и неговата задача е јасна - да го спаси клубот од испаѓање во втора лига.
Зошто човекот кој ја почна тренерската кариера пред половина век уште е актуелен во лигата каде има експерти како Клоп, Гвардиола, Почетино, Мурињо или Еди Хау? Затоа што Хоџсон прекрасно умее да ги реши проблемите во екипата и сопственикот на Палас јавно ја прокоментирал работата на Рој во Фулам и Вест Бромвич.
За потсетување, Хоџсон го спаси Фулам од гарантирано испаѓање од лигата и го однесе дури до финалето на Лига Европа.
Рој важи за еден од ретките тренери кои секогаш работи сам и не се потпира многу на помошници (дури и кога гледаат интересни играчи, тој задолжително оди и лично да ги види). За неговите специфични методи зборуваа многу поранешни фудбалери кои работеле со него како Бреде Хангеланд, Даниел Агер или Демјен Даф.
„Секој ден - екипна организација, екипна организација, екипна организација... Ние се потсмевавме со тоа, но кога еден ден се свестивме, сфативме дека сме во финалето на Лига Европа“, се сеќава легендарниот Ирец Даф кој после 15 години конечно кај Хоџсон научил да не игра исклучително лево крило.
Класичен тренер кој не отстапува од 4-4-2 и кој може да седне со вас во паб на пиво или срдечно да го поздрави вашето семејство а оправдано да ви се дере на тренинг. Норвешкиот стопер Бреде Хангеланд вели дека ги собрал и запишал сите цитати на Рој Хоџсон.
„Конечно кога луѓето ќе го видат моето портфолио ќе ме стават во ист ред со Алекс Фергусон но никој не зборува за тоа што јас го направив надвор од границите на Англија. Тие се сеќаваат на Блекбурн Роверс (историска титула) но тоа не е најголем успех во мојата кариера. Имам одлична репутација во Шведска, Швајцарија, Италија и Данска“, раскажувал Рој Хоџсон на почетокот од XXI век.
Во Италија Хоџсон го водеше Интер во најтурбулентниот период од владеењето на Морати. Во Данска освои титула, а Швајцарија со него после долги долги години се пласираше на Светско и Европско првенство. Во Шведска има статус на полу-божество: По 29 години му донесе титула на Халмштад и во целост го смени тактичкиот портрет на лигата.
Во средината на ’70-те шведското првенство било под влијание на германскиот фудбал па играле позади 3 или 5 играчи со задолжително либеро. Рој го престроил Халмштад на 4-4-2 и висок пресинг. Постепено тој модел го земале сите клубови.
За влијанието на Хоџсон зборува и фактот што во Малме еден од секторите на стадионите неофицијално е наречен по негово име. А во составот на репрезентацијата на Шведска која беше сензација и полуфиналист на Светското 1994 имало 7 поранешни фдбалери на Англичанецот.
Респект за него покажа и легендарниот Ларс Лагербег на прес-конференцијата после испаѓањето на Англија на минатото ЕВРО 2016. „Една од причините поради кои јас седам овде е и Рој Хоџсон. Огромна благодарност до него. Тој ја измени тренерската професија во Шведска и должен сум му благодарност“, рече селекторот кој направи чудо со Исланд.
Денес Рој Хоџсон има 70 години а фудбалската револуција ја водат други луѓе. Управата на Кристал Палас не заслужува уважување за паничните реакции и лошото работење но заслужув за тоа што на уникатот на англискиот фудбал му даде шанса да не ја заврши кариерата со исландскиот пораз. („Не знам што сега ќе работам“ изјаи тогаш Рој).
Дебитантскиот меч на Рој на клупата на Палас не ја прекина кошмарната серија - пораз од Саутемптон 0-1 и петти пораз по ред. Но приказната само што почна, Рој верува во чуда.