Како ќе изгледа Италија на ЕП 2016

Трчам, значи играм кај Конте

Точно еден месец пред почетокот на Европското 2016, Антонио Конте ќе треба да го соопшти конечниот список на фудбалери кои ќе патуваат во Франција. Повредени и дилеми има како никогаш претходно.

Речиси сè ќе биде познато по пријателскиот меч против Финска на 6. јуни во Верона.
 
Италијанците и немаат баш некоја среќа кога играат пријателски со земји од северна Европа пред почеток на некој голем турнир. Уште го паметат шокот кога Џиџи Буфон скрши рака на пријателската против Норвешка на неколку денови пред стартот на ЕП 2000.
 
Numero Uno го пропушти турнирот, а секако дека Аѕурите му најдоа достоен дублер. Сега било каква повреда би била катастрофа, затоа што ЕП поради повреди ќе го пропуштат Клаудио Маркизио, Марко Верати и Лука Антонели, а состојбата на Тиаго Мота и Џорџо Киелини и натаму е неизвесна па така и нивното име на списокот од 23 играчи.
 
Повредата на Il Principino, слабата форма на Монтоливо и неизвесноста со Тиаго Мота го тераат Конте да се откаже од шемата со четворица дефанзивци и да обрати внимание на 3-5-2. Отсуството на прав режисер во средината не му остава голем избор.

Еден од адутите би можел да биде натурализираниот Бразилец Жоржињо од Наполи кој не се наигра многу во овој клуб. Во случај да ги врати Пирло и Даниеле Де Роси, Конте ни помалку ни повеќе, ќе избрише сè што одгледуваше во последните две години.
Приоритет му беше физичката кондиција и атлетските способности на играчите повеќе од мислите и интелегенцијата. Никој ништо не рекол на глас, но мотото на Конте на кормилото на Италија може да биде: „Трчам, затоа играм".

Со првите денови во базата Коверчано, Маестро сфатил дека нема многу избор во средината на теренот и не се оствари неговата хипотеза дека негова продолжена рака на теренот ќе биде Даниеле Де Роси. Иако заменик-капитенот на Рома под водство на Руди Гарсија ја одигра можеби најдобрата сезона во кариерата, просечната оцена на Corriere dello Sport речиси никогаш да не прејде преку 6,5.

Никој не можел да претпостави дека Даниеле Де Роси ќе има семејни проблеми кои ќе влијаат толку многу на неговата игра што ќе го загуби загарантираното место во Рома и во репрезентацијата.

Фатален за Даниеле беше квалификацискиот меч против Бугарија во Палермо кога го даде 17. гол за репрезентацијата, но доби и црвен картон. Од тој 6. септември 2015-та Конте ниеднаш не го викна светскиот шампион од 2006. година.

Меѓутоа во последните недели, неколку стручњаци во близина на Конте го советувале да размисли за враќање на Пирло и Де Роси. Да се случи тоа треба да има добра причина, а скратување на списокот ќе се случи од 18 до 21 мај во Коверчано. Со оглед на неопределеноста во средниот ред, можно е да ги тестира и ветераните. Конте го пратил скаутот Марко Скарпа во САД од каде ќе треба да направи извештај за просечната физичка подготвеност на Пирло. Ништо лично.

Љубителите на хуманистичкиот пристап во фудбалот се надеваат дека во извештајот на мистер Скарпа ќе се најде и Себастијан Џовинко кој исто така е во немилост на селекторот.

Во последните кола на Серија А, Де Роси и не е така лош. Во најмала рака редовно е на теренот, поради што Конте често ја гледаше Рома во последно време. Свој збор може да има и Лучано Спалети со кого Џалоросите значително ја зголемија физичката спрема. Имаше време кога играчите едвај ги мрдаа нозете, но причина за тоа беше Руди Гарсија.

Со оглед на крајно лошиот однос на Конте со Французинот, селекторот не ги добиваше потребните информации како сега од Спалети кој би можел да му го омекне срцето за Де Роси.

На крајот и тој сам одеше на Светско првенство само затоа што некој друг беше отпишан поради повреда.

Од друга страна, за некои учеството на Пирло и Де Роси на ова првенство би била грешка, затоа што овој тим од првиот ден на раѓање живее во склад со принципите кои пред 18 години ги воспостави Дино Ѕоф. Антонио Конте беше дел од тој период наречен Ренесанса.

Не е изненадување што и Конте и неговиот тим се исти кројачи како и дедо Дино. Едноставен и робусен дизајн без сувишни детали. Такви детали имаше Италија на ЕП во Белгија и Холандија кога во конкуренција на Тоти, Неста, Албертини и Канаваро, дури и изостанувањата на Буфон и Виери не беа фатални.

Сега ѕвезда од светска класа е само Буфон. Конте ќе експериментира до почетокот на ЕП, а едно е извесно. Во август во Коверчано нема да биде ниту Конте, ниту Пирло, а веројатно ниту Де Роси.

Во моментов, најреални изгледи има следниот состав на Италија:

Голмани: Буфон, Сиригу, Падели.

Одбрана: Киелини, Бонучи, Барѕаљи, Де Силвестри, Де Шиљо, Ругани.

Среден ред: Тиаго Мота, Флоренци, Пароло, Џакерини, Монтоливо, Жоржињо.

Напад: Грацијано Пеле', Едер, Кандрева, Бернардески, Џовинко, Ел-Шарави, Ѕаѕа.