Диего Години одамна важи за врвен дефанзивец но го привлече вниманието на пошироката фудбалска јавност со голот вреден титула од пред две недели со кој Атлетико Мадрид ремизираше 1:1 кај Барселона, а викендов го постигна и голот за водство на неговиот тим во финалето на Лигата на шампиони.
28-годишниот Уругваец е роден во Росарио, но кариерата ја започнал во главниот град Монтевидео во екипата на Дефенсор. Додека бил дел од младинскиот тим на четири-кратниот шампион на Уругвај, Годин сè уште одел на училиште и не бил целосно посветен на фудбалот. Па така тренерите на Дефенсор сметале дека тој не е доволно талентиран и решиле да се ослободат од него.
Во тој момент тренерите на Дефенсор ја направиле веројатно најголемата грешка во нивните кариери, одлучувајќи да го пуштат Годин во второлигашот Серо, а за да не биде без ич, трансферот го наплатиле 840 уругвајски пезоси или 27 евра.
Годин бргу се наметнал во екипата на Серо и направил трансфер во најтрофејниот уругвајски клуб, Насионал од Монтевидео каде само за една сезона тој станал капитен на екипата, а добил и повик во репрезентацијата.
Во 2007-та година за сума од 900.000 евра премина во Виљареал каде уште првата сезона беше столб на одбраната на тимот кој стигна до историското второ место во шпанската Примера.
По три сезони, Диего Годин за 8 милиони евра премина во Атлетико Мадрид. Во моментов тој е проценет на преку 20 милиони евра.