Трансфер на чешки фудбалер во Вест Хем ќе му донесе 2 милиони евра на четвртолигаш

Ако не сте слушнале за Слован од малото место Хавличкув Брод со 23.723 жители во Чешка не е страшно. Се работи за клуб од четврта лига на оваа земја којшто летово заработи 2,1 милион евра - повеќе пари од дури 15 од вкупно 16 суперлигаши во Чешка.

КАКО Е МОЖНО ЧЕТВРТОЛИГАШ ДА ЗАРАБОТИ ТОЛКУ ПАРИ ОД ТРАНСФЕР?

Просто, Вест Хем го купи Томаш Соучек од Славија Прага. Чешкиот репрезентативец минатата зима беше позајмен од „чеканите“ а сега потпиша договор со нив.

Целосната сума на трансферот е 21 милион евра (429 милиони коруна) од кои 10% (43 милиони коруна) одат кај Слован Хавличкув Брод од причина што Соучек до 12 години тренирал во академијата на клубот па како компензација од договорите.

Оваа информација ја потврди и претседателот на Славија Јарослав Тврдик.

Буџетот на четвртолигашот е 4,5 милиони коруни годишно а сега заработуваат пари за 10 години! Но велат дека парите нема да одат на плати и трансфери во првиот тим.

„Нема да го трошиме заработеното на операциони расходи - за тоа ни се ресурсите кои ги доделуваат градот и спонзорите. Планираме да ги вложиме овие пари во развој на клубот“, вели претседателот на Слован Павел Мазанек.

Во четвртолигашот кој ни во Чешка повеќето не го знаат дека постои уште не одлучиле како ќе ги распределат 43 милиони коруни, можно е да ги чуваат за „црни денови“ поради страв од развојот на глобалната ситуација со пандемијата, но најголем дел од парите ќе одат за младинската академија.

„Кога Соучек е во Хавличкув Брод задолжително доаѓа кај нас, ние секогаш имаме време за него. Не го правиме тоа за пи-ар. Томаш просто сака да зборува со младите деца, да им даде пример“, се радува претседателот Мазанек.

Соучек преку својот личен пример покажува колку е важна помошта и примерот од постарите. Тој до 12 години тренирал за пионерите на Слован но живеел во Хавличкув Брод уште пет години иако веќе преминал во академијата на гигантот Славија Прага. На тренинг го возел некој од родителите.

Растојанието до Прага е цели 118 километри!

„Прво ме возеа родителите, татко ми земаше прво одмор, па мајка ми. Кога мораа да одат на работа, го замолија дедо ми. Дури сега сфаќам колку моето семејство направи за мене. Тоа им било тешко и материјално и морално“, раскажува Томаш Соучек, новата ѕвезда на премиерлигашот Вест Хем.

Но огромните пари добиени од компензација за трансферот на Соучек носат и бреме. Претседателот на четвртолигашот Слован се плаши дека ова можеби ќе ги оддалечи потенцијалните спонзори кои ќе размислуваат зошто да даваат пари за клуб кој има 43 милиони коруни?

„Мислам дека со сегашнава ситуација ќе се бориме да ги задржиме спонзорите кои веќе се со нас. Сега сите ќе речат: Слован има пари, што ќе им се“?, вели претседателот Мазанек.

Но главниот инвеститор секогаш ќе биде тука: најголем дел од буџетот на клубот го дава градот. Според првиот човек на клубот, овој трансфер ќе ги мотивира сите во иднина клубот да создаде и нови играчи како Соучек.

„Никогаш не сум помислил дека градот ќе престане да не спонзорира. Хавличкув Брод е наш најблизок партнер. Градот го поддржуваше клубот во најтешки времиња и ќе продолжи да го прави тоа и натаму“, заклучува Мазанек.