Топ 10 таленти во Јужна Америка

Јужна Америка е континент кој од година во година извезува најмногу фудбалери ширум светот. Радарите на скаутите во моментов се насочени кон неколку играчи кои се споредуваат со Нејмар, Меси, Маскерано.

Џонатан Калери

Генерација '93, напаѓач на Бока Јуниорс. Десничар, не многу физички доминантен (1,75), игра како прв шпиц. Брз, подвижен, одличен во приемот на топката, добар и во дуел играта. Негов омилен простор е шеснаесетникот, поради што го споредуваат со Игуаин. Во моментов го бараат Севиља, Стоук и Виљареал, а неговата цена достигнува 10 милиони евра.

Матијас Краневитер

За многумина е новиот Маскерано. Генерација '93, израснат во школата на Ривер Плејт. Дефанзивен играч од средниот ред, класична петка, стандарден во првите 11 на Марсело Гаљардо во Ривер. Не дал ниту еден гол иако има 70-ина натпревари како професионалец, но гарантира рамнотежа на средината од теренот. Интерес за него пројавија Атлетико Мадрид, Интер и Фиорентина, кои ќе мора да одвојат од 10 до 15 милиони за Матијас Краневитер.

Емануел Мамана

Уште едно дете на Ривер Плејт, полуфиналистот на Копа Либертадорес. Генерација '96, најталентиран стопер во Аргентина. Физички силен, брз во дуелите еден на еден и тактички созреан и покрај тоа што има наполни 19 години пред некој месец. Првотимец беше во сите репрезентативни категории на Аргентина (У17, У19, У20). Во сениорската селекција дебитираше со 18 години кога го замени Маскерано на една пријателска. И него го споредуваат, со Тијаго Силва. Барса и Арсенал вршат најголем пресинг за него.
 
Гвидо Кариљо

Генерација '91, фудбалер на Естудијантес. Класичен напаѓач висок 191см и многу силен во воздушните дуели. Експлодираше во 2013. година кога најде простор по заминувањето на Дуван Запата во Наполи. Во последните две сезони даде 20-ина голови, од кои повеќето со глава. Го привлече вниманието на европските клубови, но Естудијантес ја одби понудата на Олимпијакос од 7 милиони евра. Заинтересирани страни се Бенфика, Монако и Андерлехт.
 
Џовани Симеоне

Син на Диего, Џовани е уште еден бисер на Ривер Плејт. Напаѓач, има неполни 20 години (генерација '95) и најголемата ѕвезда на репрезентацијата на Аргентина до 20 години која ја освои Јужна Америка годинава. Чолито беше прв стрелец на првенството со 9 голови на 9 натпревари. Висок е 1,80, шутира и со двете нозе поддеднакво добро. Добро го знае мирисот на Европа (роден е во Мадрид и живееше со семејството во Милано и Рим каде играше татко му). Клаузулата му изнесува 15 милиони евра.
 
Габриел Боскилиа

Член на Бразил У-20 на СП за играчи на таа возраст. Играше и на СП за играчи до 17 години, каде беше прв стрелец. Генерација 1996, левучар од Сао Пауло, игра како полушпиц. Висок е 173 см, одличен дриблер и изведувач на прекини. Година и половина е првотимец на Сао Пауло кој го блиндираше со договор до 2019. година и клаузула од 10 милиони евра. На пол позиција за него е Барселона.
 
Матеус Дорија

Има само 20 години, но веќе неколку лета за него се зборува во Европа. Наследник на Тијаго Силва на позицијата стопер. Го бараа Јувентус и Милан (Сидорф го видел додека беше во Ботафого), но на крајот го купи Марсеј за 5 милиони евра. Сепак Французите не се консултирале со тренерот Марсело Биелса, а Аргентинецот не го сакал во првиот тим и го прати на позајмица назад во Сао Пауло. Висок е 190 см и има одлични скокачки предиспозиции.
 
Жерсон

„Најдобриот играч на свет од генерација 1997“ и „Новиот Диди“ се само некои од насловите за играчот од средниот ред на Флуминенсе. Неодамна наполни 18 години а веќе го бара пола Европа. Јувентус беше најблизу со 11 милиони евра, но тие не беа доволни затоа што 40% од неговиот договор му приѓа на Манчестер Сити. Одлично ја чува топката, има визија и сенс за асистенција. Може да игра било каде на средината од теренот.
 
Џорџијан Де Араскаета

Уругваец, права 10-ка. Не е викнат за предстојниот Куп на Америка. Со Дефензор Спортинг играше неколку пати во Копа Либертадорес а сега игра во Крузеиро. Во кариерата веќе има 80-ина натпревари со сениорите и има неверојатни 19 голови и 18 асистенции. Врвен талент со префинета техника. Десничар по природа, но знае да шутне и со лева. Спремен е за Европа, изјави неговиот менаџер Даниел Фонсека.
 
Габигол

Преку 600 голови во младинските категории, Габриел Барбоса веќе го има епитетот „нов Нејмар“ која му ја залепија навивачите на Сантос чие дете е. Физички потсеќа на Кристијан Виери, но во модерниот фудбал повеќе се сноаоѓа како лажна деветка. Има клаузула од 50 милиони евра, па кој сака нека повели порачуваат од Сантос. Габигол има ист менаџер со Нејмар. Се заинтересираа Челси, Арсенал и Милан кој го нуди Робињо како дел од понудата.
11 јуни 2015 - 13:30