Вардар сезонава собра огромно искуство на меѓународна сцена и се увери во тоа дека играње во квалификации и групна фаза не е исто. Таму екипите се посилни, поспремни и немилосрдни. Доаѓаат, гризат на терен и те трескаат на гости по 5:0, 6:0.
Но тоа од една страна е добро за играчите, но пред сè за управата, за да сфатат дека за да се биде конкурентен во едно такво елитно друштво, потребни се играчи на повисоко ниво, поголема физичка подготвеност и поголем фонд на фудбалери.
На Вардар вечерва му преостанува да се прости од дебитантската сезона во Лига Европа, ама да се обиде тоа да го стори на достоинствен начин. Пред себе има екипа која исто така е предвреме елиминираната.
Розенборг има скор од 1 победа, 1 реми и 3 порази во Лига Европа, а во Скопје доаѓа со лоша низа од 7 гостински средби без победа на европските натпревувања.
Вардар има јубилејна роденденска година и за клубот и за навивачите кои силно ја посакуваат првата победа во групната фаза. На нив тоа би им донела голема радост, а на клубот 360.000 евра во каса. За реми ќе добијат 120.000.
Само четири екипи во историјата на Лига Европа ја завршиле фазата по групи без пораз, па дајте момци сè од себе, за вие да не бидете петти.
Тоа се Габала (Азербејџан) 2016/2017, Слован Братислава (Словачка) 2014/2015, Металист Харков (Украина) 2014/2015 и Шамрок Роверс (Словачка) 2011/2012.
Вториот црн рекорд кој Вардар треба да се обиде да го избегне лежи во ефикасноста. Тимот со најмногу примени голови во историјата на ЛЕ е Слован Братислава со 20. Вардар има примено 19 и ако прими два, ќе им го земе непосакуваниот “примат“ на Словаците.
Затоа момци стегнете ја цврство одбраната, покажете жар и борба и оставете го срцето на терен, за себе, за боите на клубот, за скопската публика и за Комитите кои беа најубав декор во оваа незаборавна „црвено црна“ година.