Најновата ранг листа на ФИФА нѝ носи убави вести. Македонската фудбалска репрезентација скокна дури 32 позиции и од 135-то се искачи на 103-то место.
Овој голем напредок се должи на одличните два резултати во квалификациите за Мундијалот во Русија. Победа против Израел на гости кој клизна 12 позиции и сега е 82-ри и реми против Албанија која од 63-та се спушти на 66-та позиција.
Од нашите противници во групата, Шпанија остана 11-та, Италија падна 5 позиции и сега е 17-та, а Лихтенштајн се наоѓа на 187-мо место.
Не дека е убаво тоа што пред нас се Сиера Леоне, Мадагаскар и Луксембург, ама со добрите игри на Барди, Алиоски, Елмас и компанија ќе ги поминеме и нив.
Напредокот на Луксембург од 35 позиции се должи на нивната победа против Белорусија и ремито со Франција (коефициент во кладилница беше 41).
Од нас едно големо браво за оваа убава вест на македонската репрезентација која уште повеќе нè расположи пред вечерашниот фудбалски празник на Филип Втори.
Најголемиот скок во историјата го имавме во април годинава кога благодарние на победите против Лихтенштајн во квалификации и Белорусија на пријателска, скокнавме 33 позиции, од 166-то на 133-то место.